Влезниците за програмата на 60. Фестивал Охридско лето публиката ќе може да ги купи од денес онлајн на kupikartizase.com и во билетарницата на НУ Охридско лето (на кеј Македонија) која ќе работи секој ден од 10 до 19 часот од 2-ри август, соопштуваат од фестивалот.

Фестивалот Охридско лето ги почитува препораките за спречување на ширење на коронавирусот КОВИД-19. За секоја изведба ќе се води евиденција на присутните, затоа при купување на влезниците ќе се побара да го оставите Вашето име, презиме и контакт број. Билетарницата има поставено заштитна преграда помеѓу билетопродавачот и посетителот, обезбедено средства за дезинфекција за раце и ознаки поставени на два метри растојание пред секоја каса за наплата, за безбедна, безконтактна продажба.

Со цел да се обезбеди сигурност на публиката и учесниците, ќе биде лимитиран пристапот на фестивалските настани и намален капацитетот соодветно на просторот со обезбедено физичко растојание на посетителите, согласно Протоколот за Организација на настан. Кога лимитот ќе биде исполнет, нема да биде дозволен влез.

Како што соопштуваат организаторите, ќе биде:

–  Задолжително носење на маска за секој посетител – влезот нема да биде дозволен без маски;

–  Задолжителна дезинфекција на влез за секој посетител;

–  Задолжително мерење на температура на влез за секој посетител;

–  Задолжително одржување на физичко растојание од два метри на сите посетители;

–  Зголемување на времетраењето потребно за влез и излез на посетителите. Влез за Свеченото отворање и затворање од два часа пред почеток на настанот, влез за останатите фестиваски настани еден час пред настан;

–  Регулирање на препорачаното растојание помеѓу посетителите при влез и излез, од страна на организаторот, преку спроведување на коридорски систем на движење на публиката; Два влеза на Антички театар главен влез и долен влез;

–  Пресонализирање на продадените билети, т.е. регистрација на сите посетители при купување на билет (име и презиме и некоја друга соодветна идентификација);

–  Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки.

Како што соопштуваат од фестивалот, го задржуваат правото да не се дозволи влез на настанот за секој кој не ги почитува мерките и го загрозува здравјето на присутните, во овој случај нема да се изврши рефундација на купените билети за настанот.

Поради константите промени на епидемиолошката состојба, се препорачува сите посетители да ја следат веб страницата за последни информации за фестивалските настани.

Информации за продажба на влезници и резервации се вршат и на е-маил адреса: reservation@ohridskoleto.com.mk или на телефонскиот број +389 46 262 304. А.Р.