Трошоците на задолжување на грчката влада денеска паднаа, а домашната берза се опорави на веста дека кредиторите на Атина договориле мерки за ублажување на условите за отплата на дел од огромниот долг на Грција. Со тоа е отворен пат за излез на земјата од програмата за помош за спасување која таа ја користи од 2010 година, објави АП.

Приносите на 10-годишната грчка обврзница паднаа на 4,1 отсто, што е за 0,2 процентни пониско, додека главниот индекс на Атинската берза скокна за 2,2 отсто. Договорот постигнат од министрите за финансии на еврозоната во Луксембург минатата ноќ и донесе на Грција поместување во рокот за отплата на заемите за 10 години.

Доверителите, исто така, се согласија за исплатата на последната рата од пакетот за спас од 15 милијарди евра, со цел да и се помогне на Грција да ги отплати своите обврски во доцнење, да го исфинансира долгот што ќе стигне и да ги зајакне паричните резерви од 24,1 милијарди евра за поддршка на нејзиниот излез на финансиските пазари.