Европската унија денес оцени дека гласањето на косовското собрание за доверба на Владата го ставило Косово во тешка политичка ситуација во моментот на невидена криза предизвикана од избувнувањето на корона вирусот.

„На Косово му е потребна стабилност и насочување на сите напори за борба против кризата со коронавирусот и заштита на здравјето на луѓето“, вели портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

Европската комисија забележува дека чекорите што следуваат по вчерашното гласање во косовскиот парламент треба да бидат во согласност со уставот на Косово. Со мозинство гласови во косовскиот парламент изгласана е недоверба на владата на Албин Курти, кој од денеска и официјално ќе биде вршител на должноста премиер.

Синоќа за падот на владата на Курти гласаа 82 пратеници, 32 беа против и двајца воздржани.

Германски пратеници: Формирање нова влада што е можно поскоро

Тројца германски пратеници од клубот ЦДУ / ЦСУ, по падот на владата на Албин Курти, побараа итно формирање на нова извршна власт и целосно и безусловно укинување на даноците на производи од Србија и БиХ.

Во нивното соопштение пренесено од „Дојче веле на албански јазик“, Потпретседателот на ЦДУ / ЦСУ, Јохан Вадефул, како и двајцата известувачи за Косово, Питер Биер (ЦДУ) и Кристијан Шмит (ЦСУ), порачаа дека во ова тешко време на Приштина итно и треба нова влада способна да постапува и да носи одлуки.

“Сите одговорни на Косово – парламентот, владата и претседателот – се повикани да придонесат за одржливоста на владините активности. Продолжувајќи доследно со работа, владата мора да ја врати довербата што ја изгуби неодамна “, се вели во соопштението.

Тие, исто така, ги истакнуваат приоритетите на новата влада, вклучително и укинувањето на даноците на производите од Србија и БиХ, со цел да продолжи дијалогот.

Пратениците во Бундестагот велат дека во исто време Белград треба да престане со својата кампања за непризнавање на независноста на Косово.

„Очекуваме дека таксите за Србија и Босна и Херцеговина, донесени за време на владата на Рамуш Харадинај, ќе бидат укинати веднаш и целосно“, се вели во соопштението.

Тие бараат што поскоро да продолжи дијалогот со Белград, а Белград го повикаа на прекин на кампањата против признавањето на независноста на Косово. А.Р.