EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

Иако се верува дека корона вирусот првпат се појави на отворен пазар каде се продаваат и диви животни, ваквите пазари продолжуваат да работат во Азија и покрај апелите за затворање.

На туристички остров во Индонезија на 7 април е забележано дека продавачи на импровизираните тезги продаваат покрај свежо исечено свинско месо и мртви лилјаци, пренесува британски „Индипендент“.

Неколку илјади километри подалеку во провинцијата Гуангжи, во југозападна Кина, мачки беа нудени за продажба во пренатрупани, валкани кафези, додека на пазарот во Гуангдонг, трговец со народни лекови продавал лекови направени од лилјак и скорпија за лекување на болести кои се движат од болка во рамото, преку ревматизам, до убод од комарец.

Британскиот весник пишува дека отворените пазари продолжуваат да работат во делови од Кина и Југоисточна Азија, додека еколозите предупредуваат на нераскинлива врска помеѓу климатските промени, загубата на биолошката разновидност и зоонотските заболувања како што е коронавирусот, плашејќи се дека тоа нема да биде последната пандемија што ќе го погоди светот.

Иако ваквите пазари не работат или се чистат во големите градови, тие работат непречено во малите градови.

Екологот и виш соработник за студии за екосистеми на универзитетот Кери, Ричард Остфелд вели дека ризикот од пренесување на вируси од животни на луѓето е поврзан со излачувањето од заразени диви животни.

“До трансмисија веројатно може да дојде со убивање и дисекција на животни. Конзумирањето на термички обработена храна не претставува ризик. Постои голем ризик по здравјето со тоа што во просториите се ставаат различни видови животни и ги чуваат во нехигиенски услови каде што животните исфрлаат патогени кои лесно се пренесуваат на други животни и луѓе “, рече тој.

Група кинески научници, вклучително и истражувачи од Националната лабораторија за ветеринарна биотехнологија и Националниот институт за контрола и спречување на вирусни заболувања, откриле дека вирусот слабо се размножува кај кучиња, свињи, кокошки и патки, но дека творовите и мачките биле заразени.

Експертите предупредуваат дека на многу пазари ситуацијата е иста како и пред епидемијата, иако со недели се затворени и дека во моментот нема диви животни на продажба, иако се очекува ова да се промени како резултат на големите профити што тие ги носат, пишува британскиот весник. А.Р.