PATERSON_D26_0049.ARW

Од нашиот известувач од Солун, Сунчица Уневска

Годинешниот 57. Филмски фестивал во Солун се отвори со најновиот филм „Патерсон“ на еден од најособените американски независни автори, Џим Џармуш. Доаѓањето на Џармуш и неговата мастеркласа беа најавени како едно од главните случувања на фестивалот, за кое се зборуваше дури и на неодамна одржаниот фестивал во Виена, Австрија. Но, за жал, Џармуш го откажа своето доаѓање, па овдешната публика ќе мора да се задоволи само со неговите два филма од оваа година, покрај „Патерсон“, во програмата „Специјални проекции“ ќе може да се види и неговиот музички филм „Gimme Danger“, посветен  на еден од најголемите рокенрол бендови на сите времиња „The Stooges“.

Филмот „Патерсон“ својата светска премиера ја имаше годинава во Кан и тоа, дефинитивно, беше едно од изненадувањата на Џармуш, еден (сосем) поинаков филм, но секако со неговиот особен, поетски потпис. „Патерсон“ е приказна за човекот и за градот (со исто име), приказна за секојдневието, приказна за малите нешта од кои е исткаен животот на обичниот човек, но во кој секогаш во малите нешта се кријат и големите надежи. Таа вечна и несовладлива потреба на човекот да се пронајде и да ги допре оние толку посакувани недостижни места, Патерсон на свој начин ќе ја оствари низ соништата на неговата сопруга Лаура, но и низ својата поезија во која најголемиот подарок е токму таа. Навидум, филм кој е нетипичен за Џармуш, но само на прв поглед, бидејќи деталите со кои е проткаена оваа ода за животот се нешто сосем друго.

Но, за разлика од лани, мора да се каже, дека годинава фестивалот има далеку послаба програма. Навистина не е лесно да се одржи нивото, да се задржи концептот и да се донесат големи имиња, а тоа во Солун се чувствува уште од заминувањето пред повеќе години на извонредниот Мишел Демопулос, кој му ја даде на фестивалот интернационалната нота, па с` до годинешното заминување на легендарниот Димитрис Еипидес. Кормилото го преземаа Елис Жаладу од Франција, продуцент и аташе во француската амбасада за аудиовизуелните уметности и Орестис Андреадакис од Грција, филмски критичар, кој работеше на Атинскиот филмски фестивал и го издаваше месечното списание „Синема“. Ова им е прва година и секако треба време, но ова издание падот во квалитетот на филмовите, особено во главната конкуренција каде што традиционално за наградите се борат први и втори филмови на авторите, е очигледен.

Инаку, во главната конкуренција, што е доста амбициозно, се вклучени дури 17 филма, и тоа десет од осум европски земји (три се од Грција) и по еден од САД, Канада, Јапонија, Алжир, Чиле и два од Аргентина. Од поблискиот регион во главната програма во трка за „Златен Александар“ има само еден филм од Унгарија, и тоа една откачена акциона комедија со наслов „Убиства на тркала“. Станува збор за луѓе кои се наоѓаат во инвалидски колички, но кои ќе ги понудат своите услуги на локалната мафија.

Posterot za godinesniot festivalНо, затоа во програмата „Балкански преглед“ се вклучени дури 12 долгометражни и пет краткометражни филмови, каде што ниту еден не е од Македонија. Ние сме присутни само како копродуценти во косовскиот филм „Доме, сладок доме“ на Фатон Бајрактири и во романскиот „Сиераневада“ на Кристи Пуиу. Во оваа програма дури пет филма се од Романија, меѓу кои е и одличниот „Кучиња“ на Богдан Мирица, кој освои две награди на Сараевскиот филмски фестивал (Специјалната награда на жирито и за главна машка улога). Од Турција се вклучени три филма заедно со добитникот на главната награда во Сараево, „Албум“ на Мехмет Џан Мертоглу, а ќе можат да се видат и српскиот „Добра жена“ на Мирјана Карановиќ, како и хрватскиот „Од другата страна“ на Зринко Огреста (кој во Македонија во јуни го отвори првиот Охридски филмски фестивал), инаку досега добитник на повеќе од 20 награди.

Со оглед на недоаѓањето на Џармуш, главниот фокус на фестивалот е на две големи авторски имиња од Турција и од Иран. Големата ретроспектива од 11 филма е посветена на Зеки Демиркубуз, кој се смета за еден од основачите на новиот турски филм и важи за пионер на независниот филм. Втората голема посвета е на годинешниот претседател на главното жири, иранскиот „филмски емигрант“ Амир Надери, кој спаѓа во највлијателните автори на новиот независен ирански филм. Во програмата „Отворени хоризонти“ годинава ќе може да се види неговиот најнов филм „Планина“, кој е снимен во Италија.