photos: Rafiq Maqbool - staff, ASSOCIATED PRESS

Од нашиот специјален известувач од Дубаи, Наташа Доковска

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска се обрати до учесниците на самитот за клима, од пленарната сала Al Ghafat, каде што најави дека цел на Северна Македонија е да ги намали за 82 отсто нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.
„Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции. Наша цел е да ги намалиме за 82 отсто нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски од Дубаи, во рамки на своето учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – КОП28.
Тој инофмираше дека Северна Македонија е првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции. И, најави дека токму тука, на КОП28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираат „Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција“, која ќе ни помогне да се мобилизираат потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, со цел да се забрзаат инвестициите во мрежата и да се создадат висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. За таа цел во Дубаи се очекува да пристигнат и министерката за заштита на животната средина, Каја Шукова и министерот за економија Крешник Бектеши кој треба да ја претстави инвестициската програма за енергетската транзиција на Северна Македонија.
Како што информираа од Министерството, инвестицискиот план е структуриран во три дела: реализација на проекти со потенцијална пренамена на електроцентралите што работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија, економска регенерација на Пелагонискиот и Југозападниот Регион и подобрување на енергетската ефикасност и користењето чиста топлина и програма за децентрализирано производство.
Пендаровски во своето обраќање, меѓу другото каже дека главна задача на ова поле ќе биде како да се исфрли јагленот како главен извор на електрична енергија, а без притоа да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците, бидејќи како што потенцираше, јагленот е „еден од најголемите загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето“.
Тој ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и со тоа да докажат дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна.
Пендаровски предупреди дека светот се соочува со голема климатска криза, притоа посочувајќи ги децата како најзагрозени, како и ранливите сектори како здравството.