На театарскиот фестивал „Квартиере дел арте“ во Витербо (Италија), денес, 8 ноември, премиерно ќе биде прикажан првиот дел од серијата кратки перформанси во рамките на театарскиот колаж „Амор Вичит“ работен според две микродрами на италијанските автори Фабио Марсон и Рикардо Табилио.

Проектот го обработува животот и делото на италијанскиот барокен сликар Чеко дел Караваџо кој се смета за еден од најзначајните ученици од школата на Караваџо. Малку е познато за неговиот живот, а главна инспирација за проектот е податокот дека во 1613 година престојувал во селото Бањаја недалеку од Витербо, каде се претпоставува дека ја насликал својата една и единствена фреска.

Поради околностите наметнати од пандемијата и неможноста за учество во живо, проектот е реализиран во хибридна форма. „Перипетија продукција“ во соработка со „Ехо Анимато“, во периодот 29.10.2021 – 03.11.2021 во Белград, подготви видео и аудио материјали кои се имплементирани во претставата.

Во проектот учествуваат актерите Дарја Ризова и Александар Михајловски, како и режисерката Нина Николиќ, а целокупниот авторски тим вклучува автори од: Италија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.