На 26 февруари, во ноќниот клуб Станица 26, со почеток во 21 часот за првпат пред македонската публика со двочасовен сет ќе настапи хип хоп пионерот Грандмастер Флеш (Grandmaster Flash). Двочасовниот диџеј настап во Скопје е дел од неговата голема турнеја „Hip-Hop: People, Places and Things“. Она што ќе го видиме во Скопје е своевиден музички времеплов и час по едукација за се она што значи хип хоп од 70те години па се до денес. Настапот е во организација на 3Гонга во соработка со „Шуршотс ентертејнмент“. Како локална поддршка ќе настапат Шорти Пи и Ири Скреч.

За нас Грандмастер Флеш претставува клучна фигура во полето на хип-хоп музиката. Тој е еден од најзаслужните за револуцијата и популаризацијата на овој музички правец. Како диџеј, „алатките“ кои тој ги креираше се од исклучителна важност за сите генерации по него кои се занимаваат со оваа работа“, велат Шорти Пи и Ири Скреч.

Грандмастер Флеш од неодамна е добитник на Polar Music Prize наградата за 2019 година. Оваа музичка награда се смета за еквивалент на Нобеловата награда, и се доделува во Шведска. Во предходните години оваа награда ја имаат добиено, Боб Дилан, Пол Макартни, Џони Мичел, Стинг, Пети Смит, Чак Бери, Кронос Квартет, Бјорк, Енио Мориконе, Пинк Флојд… На доделувањето беше најавен како еден од главните „виновници“ за креирањето на hip-hop звукот.

Џозеф Садлер или денес познат под псевдонимот Грандмастер Флеш е некогашниот фронтмен на култните „Grandmaster Flash and the Furious Five“. Овој историски хип хоп бенд има издадено два култни албуми „The Message“ во 1982 година и „On the Strength“ во 1988 година. Синглот „The Message“ е се уште еден од најдобрите на сите времиња, како и фактот дека се првата hip-hop група која станала член на „Rock & Roll Hall of Fame“.

Оваа рап легенда е родена во 1958 година на Барбадос, а љубовта кон грамофоните му се родила уште во тинејџерските години, откако со своето семејство се преселиле во Бронкс. Кариерата ја започнува во раните 70ти, како диџеј на приватни забави заедно со Кертис Блоу и Лавбаг Старски. Кон средината на 70те ја оформува својата прва група, во која членуваат Cowboy, Melle Mel, и The Kidd Creole. Групата првично се нарекувала „Grandmaster Flash and the 3 MCs“, а ќе остане запаметена по тоа што нејзиниот член Cowboy го измислил терминот „Hip-Hop“, a Melle Mel е првиот кој се нарекол себеси MC (Master of Ceremony). Со приклучувањето на Rahiem и Scorpio, бендот се приемнува во„Grandmaster Flash and the Furious Five“.

Додека ги проучувал стиловите на своите идоли, Грандмастер Флеш ги креирал некои од техниките, кои и до денес се стандарден дел од диџеј науката (Backspin Technique, Punch Phrasing и Scratching). Во последнава декада тој издаде еден мемоар, започна свое радио шоу, ја доби “BET I am Hip-Hop Icon” наградата, се појави на видео игра, а неговиот лик е дел од Netflix серијалот “The Get Down”. Човекот кој го сметаат за главен „виновник“ што денес грамофонот е музички инструмент, во моментов работи на својот 12ти студиски албум. 
Влезниците можат да се набават преку продажната мрежа на kupikartizase.com и www.karti.com.mkПрвите 100 влезници, кои беа по промотивна цена од 600 денари се продадоа за 24 часови, останатите од 800 денари се во слободна продажба. Пред почеток на неговиот настап на билетарата во клубот Станица 26 цената на билетите ќе биде 1000 денари.

Билетите се во строго ограничен број.

https://www.youtube.com/watch?v=PobrSpMwKk4

https://www.youtube.com/watch?v=jQNAIDHrkCc