дома Политика Регион Полицијата евакуираше дел од Бар поради закана за бомба

Полицијата евакуираше дел од Бар поради закана за бомба

38

Полицијата во Бар, Црна Гора, утрово евакуираше дел од градот поради закана од маж да активира експлозив. Един Бегзиќ (36) од утрово предизвикува неизвесност и тензична ситуација, со закани за активирање експлозив пред банката НЛБ на улицата „Маршал Тито“, јавуваат подгоричките медиуми.

Полицијата веднаш ги евакуираше вработените во соседните деловни простории и станарите од зградата во која се наоѓа банката. Според „Побједа“, сите биле евакуирани од експозитурата на НЛБ банка во Бар. Од утрово на улица се припадници на полицијата, пожарникари и екипа на Брза помош.

Бегзиќ претходно филијалата на банката ја покри со натпис „Вратете ги парите што ги украдовте од работниците на Приморка“.

Црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ изјави дека ситуацијата во Бар, каде утрово беше евакуиран дел од улицата „Маршал Тито“ поради закана од маж дека ќе активира експлозив, е „комплексна“, дека барањата се јасни и дека со него преговараат надлежни лица.

Тој нагласи дека, бидејќи настаните се во тек, не може подетално да зборува за тоа.

„Не сакам да влијаам на вжештување на атмосферата… Она што имавме можност да го слушнеме е дека се работи за економска мотивација“, рече министерот за новинарите, додавајќи дека се надева дека ситуацијата ќе се реши на најдобар можен начин. А.Н.