Сестраната уметница, сликар и текстописец, Маја Павловска, која десеттина години живее во Холандија, неодамна имаше изложба, во рамките на саемот на уметноста- Национални уметнички денови 2018 (Nationale kunstdagen 2018).

Импресиите, за кои ни раскажа, се големи. Маја своите дела ги изложи на штанд со вкупно 8 метри должина, со двата ѕидови по 2 метри и еден од 4 метри.  Ова е продажен саем, кој се случува еднаш годишно на различни локации низ Холандија.

-Мојата изложба на саемот на уметност „Nationale kunstdagen“, во  Nieuwegein, Beursfabriek,  заврши на 11 ноември.  Ги изложив своите дела на два ѕидови, многу луѓе застануваа пред штанд и долго и заинтересирано набљудуваа, земаа визит картички и каталогчиња и сите со одушевување ми се обраќаа. -“Прекрасно!…веднаш удира во очи, боите и приказната што ја кријат се одлични… само што ќе дојдеш до штандот нешто те влече да застанеш пред него и со часови да размислуваш за целата приказна која стои зад твоите дела… браво… храбра жено”.., се само мал дел од комплиментите што ги добив. Некои посетители за моите слики со сув пастел не веруваа дека се цртани. Кога слушнаа дека сум ги цртала лично со моите прсти, без употреба на ништо друго, исто така беа воодушевени. Застануваа пред штанд и во двата дена околу 4.000 посетители наминаа на мојата изложба, ќе го прочитаат името и презимето и си го повторуваа во себе. Прашуваа од каде сум. Им кажував Македонија, северно од Грција, јужно од Србија,за тие што воопшто не знаеја каде е Македонија. За мене лично беше прекрасно искуство, вели уметницата.

Таа ни откри дека своите дела ги  изложиле 263 уметници. Секој со своја специјалност- уметнички слики, фотографии, скулптури, накит, се што може да се замисли од визуелни уметности.

-По оваа изложба размислувам да изложувам и на одредени настани во Лондон, Париз, Њујорк, секаде во светот од каде што ќе добијам интересна понуда и покана за изложба, додава Павловска.