Поранешната прва дама на САД Барбара Буш, почина во вторникот, на возраст од 92 години, соопшти нејзиното семејство, објавија новинските агенции.
Таа беше прва дама од 1989 до 1993 година, а нејзиниот син, Џорџ В. Буш за прв пат беше избран за претседател во 2000 година.
Барбара Буш во последно време беше со се послабо здравје и пред неколку дена беше објавено дека одлучила повеќе да не се лечи, туку дека „ќе се фокусира на палијативна нега.“
„Си-Ен-Ен“ објави дека таа страдала од хронична опструктивна белодробна болест и конгестивно слабеење на срцето и дека во последните моменти ги поминала во својот дом со своето семејство.
Барбара Буш беше сопруга на 41-от претседател на САД, кој сега има 91 години, и мајка на Џорџ Буш (71), кој беше 43-ти претседател на САД.
“Мојата драга мајка почина на 92-годишна возраст. Лора, Барбара, Џена и јас сме многу тажни. Таа беше неверојатна прва дама и жена како ниедна друга што донесе милост, љубов и писменост за милиони”, напиша Буш помладиот во соопштението.
Барбара и Џорџ Буш постариот беа
 во брак 73 години.
Таа беше втора жена во историјата на САД, која виде како нејзиниот сопруг и син положуваат заклетва на должност претседател. Пред неа тоа беше Абигејл Адамс.