дома Насловна Почнуваат Зимските олимписки игри 2018 во Јужна Кореја

Почнуваат Зимските олимписки игри 2018 во Јужна Кореја

289

Зимските олимписки игри почнуваат денеска, 9 февруари во Пјонгчанг, Јужна Кореја, и ќе траат до 25 февруари.

Градот домаќин беше избран на 6 јули 2011 година во Јужноафриканската Република и ова ќе биде прва Зимска и втори Олимписки игри одржани во Јужна Кореја. Во игрите учествуваат 2952 спортисти од 92 земји, што ги прави овие игри најголеми досега, според бројот на земји учеснички и бројот на спортисти. Ќе има 102 натпревари во седум спортови, или 15 дисциплини.

На церемонијата на отворање, Јужна Кореја и Северна Кореја ќе дефилираат заедно под знамето на обединета Кореја, а спортистките од овие две земји ќе се натпреваруваат во хокеј на мраз во заедничка репрезентација. Договорот за учество на Северна Кореја и заедничкото дефиле на отворањето на Зимските олимписки игри беше соопштено во средината на јануари, што предизвика изненадување во целиот свет, но и олеснување, бидејќи претходно се зборуваше за потенцијалните безбедносни проблеми. Со оглед на тоа што Пјонгчанг се наоѓа на само 80 километри од „демилитаризирана зона“ меѓу двете Кореи, а претходно беше споменувано оружје, овој договор на двете страни ќе донесе мир за сите спортисти во текот на 16 дена на Игрите.

На руските спортисти им е забрането да се натпреваруваат под свое знаме и грб. Нивниот број е исто така е ограничен поради суспензијата на Меѓународниот олимписки комитет и тие настапуваат под олимпиското знаме и името „Олимписки спортисти од Русија“.

Македонски претставници се 17-годишната Викторија Тодоровска во нордиско скијање (10 километри) и 19-годишниот Ставре Јада во нордиско скијање (15 километри и во спринт) на кои ова им е прв настап на ЗОИ, и Антонио Ристевски во алпско скијање (слалом и велеслалом), кому ова му е трет настап.

Од поранешните југословенски републики најброен тим има Словенија со 71 член, втора е Хрватска со 19, Србија и Босна и Херцеговина ќе имаат по четворица претставници, Црна Гора тројца, а дебитантот Косово ќе има еден олимпиец.

За прв пат се одржуваат натпревари во биг-ер во сноубординг, масовен старт во брзо лизгање, мешани парови во карлинг и екипни натпревари во алпско скијање.