Министерот за здравство, Венко Филипче на неговиот фејсбук профил  ја објави конечната бојка на новозаразени денеска. Извинувајќи се за доцно споделената информација поради чекањето на резултатите од приватна лабораторија, тој информира дека вкупниот број на новозаразени лица во последните 24 часа на направени 885 тестирања, се 76 нови случаи на ковид-19. Најмногу, 52 новозаразени има во Скопје, па Тетово со 14,  по 2 нови случаи во Куманово, Велес и Гостивар и по еден случај во Штип, Кочани, Пробиштип и Кратово.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 26 оздравени пациенти, и тоа во Скопје 12, Куманово 2, Тетово 11 и еден во Гостивар.

Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Струга (56г) примена во болницата на 21 мај како сомнителна на ковид, потврдена позитивна по прием во болница.

Досега во земјата се направени вкупно 31187 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 127 теста се во рамките на скринингот. Тестовите се направени во градинки во Скопје и геронтолошки установи и не се потврдени позитивни случаи на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2391, бројката на оздравени пациенти е 1595, на починати е 141, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 655.

Н.Д.