Во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, Скопје по повод Божиќните празници, веќе традиционално, македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин им подарува „Мироносни цвеќиња“ на сите новороденчиња во РС Македонија, кои доаѓаат како „цвет на овој свет“ на Божиќ, 7 јануари 2021 година.

Години наназад, Цветин своите цветни подароци ги даруваше во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар, како и преку Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје.

Годинава тој ќе подари над 150 свои мироносни цвеќиња на радоста, љубовта за сите новороденчиња во болниците низ Скопје, Битола, Гевгелија, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Гостивар, Кичево, Кавадарци, Кочани, Охрид, Тетово, Струга и др. Раѓањето на Исус Христос симболично е преку раѓањето на дечињата кои носат радост и љубов на луѓето, вели Цветин.

Поповски, своите подароци ќе ги врачи на институциите и на мајките за нивните деца на 8 јануари  2021 година. Важно е да се спомене дека Живко Поповски – Цветин во 2003 година имаше изложба „Цвеќе на радоста, љубовта“, во Специјалната болница „Мајка Тереза“, а неколкупати потоа исто така подари свои мироносни цвеќиња за новороденчињата во оваа специјална болница. Интересно е да се спомене дека Живко Поповски има подарено слика-цвеќе за  петмилјардитиот жител на Планетава што се роди во Загреб за време на одржувањето на „Универзијадата“ во 1987 год.

Во една прилика, Отец Стефан Санџаковски, покрај другото ќе напише: Маестро Поповски се интересира пред сé за она што е вечно во минливите облици на животот. Заради тоа, статичните белези на неговото сликарство се привидни. Зад него се крие еден динамизам чија природа е внатрешна. Очебиен е напорот на Маестро Поповски да ги врамнотежи духот и материјата, вечното и минливото, Бога и човекот, природата и метафизичкото.

Маестро Живко А. Поповски ја негува згусната убавина на историјата на светот, во цветот. Таа убавина е проникната од Вечната убавина, за која Достоевски бесомнежно сведочеше, дека „ќе го спаси светот“. Оттаму и сликарството на маестро Живко Поповски е иконообразно по мерата од трагањето по изгубеното рамновесие.   В.Г.П.