дома Колумни Прашања кои ме мачат…

Прашања кои ме мачат…

70
Пишува: Филип Спировски

По промената на власта ми се ускрати правото катадневно да се запознавам со успесите на Никола Груевски направени за народот и за Македонија. Сега, одвреме на време, го гледам на ТВ како се жали од набиената агенда во судовите. Не можел да постигне!? Во меѓувреме, телевизијата што ревносно, цели десет години, ме информираше за „васељенските“ достигнувања на ВМРО, си го реизбра староновиот директор, по примерот на многуте приватни фирми: тимот што добива да не се менува.
А, и зошто да се смени? Таквата епска стручност за „дување во кавал“ е добредојдена на новиве властодршци. Додуша не се баш снајдени и се уште кубурат со отпорот од невработените „шарени“ ама полека и сигурно работите доаѓаат на свое место. Во културата на пример, се запреа нереалните одливи на „Скопје 2014“ и веднаш се почна со транспарентна распределба на бучетски пари. Ете придобивка од новава власт! (транспарентна). Тоа што пари добивале правни субјекти кои се регистрирани во ЦРМ, за времетраење на конкурсот, тоа не е важно… Важно сите добиле, помалце или повеќе; Добиле и тие што не побарале! По инерција, онака, „да не прими воздух“ давачката машина. Ц ц ц.
И тоа што Ивона Талевска затајувала данок помина со казната „Ѓиди, ѓиди“: ако ти се случи пак – ќе те затвориме!? Да го платиш данокот па води медиуми, купувај танги и прави што сакаш… А Велија Рамковски демек не плаќал данок и се здружи злосторнички па затоа отсвири заслужено!? Ц ц ц.
Не се работи за реваншизам ниту пак за одмазда. Треба да го свртеме и другиот образ. Ама кој кога го немаме. Го изгубивме заедно со абортусот на малолетното девојче. За тоа не се доволни оставки од морални причини, за тоа се потребни глави на тацна, комплетно празнење на институциите кои се дирекно инволвирани и распишување на меѓународен повик за волонтери кои ќе се грижат затоа што сакаат да ја работат својата професија, а не да земаат плата луѓе кои дозволиле да дојде до ова. Уште при вработувањето била важна националната припадност и рамноправната застапеност на малцинствата! Ц ц ц.
Не велам дека од оваа власт очекувањата ми се големи ама да не се знаело да се пушти во работа направен автопат тоа не го разбирам. Освен ако и тоа не е поврзано со промена на името т.е. со решавањето на единствената работа која требаше да ја решат сите политичари од осамостојувањето до денес, а не ја решија. Е тоа треба некој да го плати. Јас не го плаќам. Не дека не сум крив – останав тука, не се исселив, крив сум; ама немам со што да платам. Меѓу извршителските и обврските од кредитите останува ситниш со кој не се гради идентитет, нација, име. Тие што „лапале“ нека плаќаат.
Прашањата што ме мачат, а се поврзани со можното приближување кон ЕУ се дали ќе е можно, во „Парламентарна Македонија“, СДСМ и ВМРО (читај македонски партии) да изгласаат нешто што би се косело со ставовите на албанските партии? Или, доколку пратениците гласаат тоа мора да биде во согласност со „Рамковниот договор“? Дали нашево општество ќе остане поделено и во Европската унија или тогаш тие што не го разбираат Рамковниот ќе бидат избрани за европратеници? Ц, ц, ц забегав!