Граѓанската организација „Една може“ е организатор на првиот протестен марш на самохрани родители, закажан за 13.02.2022 година во Скопје, со почеток од 13:00 часот. Собирна локација е во „Жена Парк“, а мирниот марш, како што информира организаторот, ќе се движи регулирано се до Министерството за труд и социјална политика.

„Со ова сакаме да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност и сите чинители во македонското општество. Со задоволство ве покануваме сите, без разлика дали сте самохрани родители, разведени партнери, индивидуи, поддржувачи, млади и возрасни, новинари и репортери, вработени и невработени, јавни личности и политичари. Темата за самохраните и еднородителските семејства не смее да биде табу! Не повеќе!“- се вели во поканата испратена од „Една може“

Поводот за организирање на овој марш се дел од најголемите барања на нејзините членки, а се однесуваат на барањата да се зголеми социјалната помош, детски и образовен додаток да постои за сите деца од еднородителски семејства, да се превземат мерки социјалните центри и институциите да постапуваат согласно законските правила најчесто кога се одлучува кому ќе му припадне детето и по кој основ“, се вели во соопштението од организаторите.

Од „Една може“ брифираат дека ќе бараат од Министерството за труд и социјална политика да ги дефинира термините „самохран родител“ и „еднородителско семејство“ во соодветните закони на соодветен начин. За нив од голема важност е да им се помогне на самохраните мајки да им се реши станбеното прашање, преку давање на социјални станови или преку давање на станбени кредити без камата и без учество, а исто така и да се создадат механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки.