Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира презентација на авторката од Украина Викторија Хоменко. Презентацијата ќе се одржи во книжарницата „Антолог“, во петок (19 октомври), со почеток во 20 часот.

Викторија Хоменко во текот на октомври е гостин на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.

На презентацијата поднасловена како „Два фокуса. Две Граници. Два лични погледа на литературниот процес“, авторката ќе зборува за односот меѓу документарното и фикцијата. Исто така, таа ќе го престави својот фанзин направен во соработка со современиот украински уметник Дима Красниј, а ќе зборува и за одредени тенденции во современата украинска литература.

Викторија Хоменко е писателка и продуцент од Киев. Работела како независен филмски критичар и публицист за неколку национални медиуми во Украина. Сега работи како дел од тимот на Меѓународниот документарен филмски фестивал за човекови права. Исто така е продуцент на документарни и играни филмови. Професионално занимавајќи се и со пишување и со креативна продукција, во своите дела ги истражува прашањата за јавните и интимните односи и нивните трансформации. При пишувањето користи документаристички и антрополошки методи.

Презентацијата ќе биде на украински јазик, а обезбеден е превод на македонски јазик.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.