дома Насловна Премиера на „Мизантроп“ на Театар Комедија на „Охридско лето“

Премиера на „Мизантроп“ на Театар Комедија на „Охридско лето“

35

Што повеќе премиерни театарски изведби од сите домашни театри на Охридско лето – со ваква идеја селекторот на драмската програма Александар Поповски ја најави вечерашната премиера – „Мизантроп“ од Молиер, во режија на младата црногорска режисерка Ана Вукотиќ, а во продукција на Театар Комедија од Скопје.

Оваа сериозна комедија е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но e и магнетна резонанца на нашето време. Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, рече дека се радува што екипата на соработници во претставата се луѓе однадвор.

-Меѓународна соработка на чело со режисерката Ана Вукотиќ. Подготвени се сите и морам да кажам дека дадоа многу труд. Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана бидејќи очекуваат лесна комедија, но не, станува збор за љубовта на човекомрзецот или омразата на човекољубецот. Каде е љубовта, каде е омразата. Впрочем, ја имаме смеата, но горчлива. Дури и така горчлива и болна смеа, нас како луѓе може да не спаси, вели директорот Ристовски.

Режисерката Вукотиќ рече дека претставата обработува тема со далеку поширок контекст што не ја засега само Македонија, туку се работи за современ Молиер.

-Тое е една приказна што ја докажува севременоста на писателот. Она што најмогу ме засегаше во претставата бее позицијата на интелектуалецот во денешницата, во време на лицемерие, тој парадокс кога се зборува за вистината која никогаш не е докажана. Се работи за специфична режисерско-кореографска соработка, во која е присутен оригиналниот сценски јазик на Соња Вукичевиќ – изјави режисерката Вукотиќ.

Претставата е вклопена во специфична режисерска поставка со сите елементи, сценографија, музика, костимографија, внимателно вградени за целосно визуелно доживување, беше посочено на денешната прес-конференција на Охридско лето.  

-Работам со театарски куќи од сите држави на поранешната државна заедница, па и пошироко. Она што морам да го истакнам е дека Македонците, но тука треба да ги пофалам и Унгарците, се извонредни во нивната експресивност во движењето. Во една прекрасна работна атмосфера го создадовме ова дело, што во уште поубава атмосфера го довршуваме овде во Охрид, рече Соња Вукичевиќ, кореографот на претставата, задоволна од соработката со екипата на Театар Комедија.

Сценографијата за претставата, како што објасни на денешната прес-конференција сценографката Јелена Томашевиќ е уметничка инсталација, на која во случајот се додадени актери, во обид да се создаде нешто трето, нешто уште поубаво и повозвишено.

-Специфичното во сценографијата е кружната атлетска патека на сцената, со постојано движење и вртење во круг кое е доминантно, и особено карактеристично за ова време во кое живееме и во овој случај на „Мизантроп“ дава уште поголема смисла, истакна сценографката Томашевиќ.

„Мизантроп“ е претстава со бројна актерска екипа, играат десет актери од Театар Комедија. Во улогата на Алсест е Атанас Атанасовски, Флинт го толкува Александар Михајловски, Орнот е Столе Мицов Мирјана П. Ристов – Селимена, Магдалена Ризова-Черних е Елијанта, Жаклина Петровска – Милјановска ја толкува Ариноја, Акаст го игра Илија Илиоски, Клитандр е Жарко Димоски, Баск – Виктор Арсов, а како Ди Боа на сцената се јавува Ердоан Максут.

Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, костимографијата е на Лина Лековиќ, а композитор на музиката е Александар Радуновиќ –Попај.

Премиерата на театарската претстава „Мизантроп“ ќе биде изведена на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.