Проектот „Сега“ на Друштвото за проектирање, инженеринг и услуги „Бина архитектура Дооел“, кој е национален претставник на 17. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција, Италија, беше претставен денеска  на прес-конференцијата во Даут-пашиниот амам на која се обрати министерката за култура Ирена Стефоска.

На прес-конференцијата, покрај министерката Стефоска, се обратија и Дита Старова-Ќерими,  комесар на проектот и директорка на Националната галерија на Република Северна Македонија, и кураторите Бекир Адеми и Јордан Шишовски. Проектот „Сега“, Адеми и Шишовски го изработија во соработка со група коавтори: Ана Рафаиловска, Ивана Чаловска, Енис Абовски, Енес Север, Атанас Наумовски, Амине Адеми, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чавoли, Аида Бакали Салиху и Дрен Невзати.

Министерката за култура Стефоска од срце им пожела на овие креативни луѓе нивниот проект да привлече големо внимание во нашиот павилјон, во престижната палата „Зорци“, која е и седиште на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција. Стефоска додаде дека Министерството за култура е покровител на изложбата и изрази уверување дека избраниот проект на „Бина архитектура“, со наслов „Сега“, ќе го даде најдобриот одговор на прашањето: „Како ќе живееме заедно?“ – што е и тема на овогодишното Биенале во Венеција.

„Знам дека овој настан е празник на архитектурата и престиж за секој архитект. Но, за мене има уште едно значење – животот продолжува зашто минатата година овој исклучителен настан беше одложен поради светската пандемија. И некако симболично, од денеска за публиката, иако во ограничен број, се отвораат портите и на институциите на културата и кај нас. Пред неколку месеци бев прашана: Дали културата е мртва ? Одговорив: Не! Таа само се подготвува за својата најдобра улога“, рече министерката за култура Стефоска на денешната прес-конференција.

Директорката на НГМ, Старова-Ќерими, рече дека проектот „Сега“ ја рефлектира идејата за заедно или заедништво преку вечното единство на  дуалитети, што е веднаш воочливо во односот на микро- и макроструктурата, а во себе инкорпорира повеќе различни толкувања на односите внатре-надвор, приватно-јавно, отворено-затворено, дом-општество, поаѓајќи од индивудуата како основна клетка во колективитетот.

Тимот на проектот „Сега“ најави дека се работи за симболична претстава на еден отсечок од множеството и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сево ова концептуално открива два аспекта на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината.

Проектот „Сега“ официјално ќе биде претставен на 20 мај во 10 часот во дворот на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа (Palazzo Zorzi, Castello 4390).

Седумнаесеттото издание на Венециското биенале на архитектурата, со наслов „Како ќе живееме заедно?“, што требаше да се одржи од 23 август до 29 ноември минатата година, поради пандемијата од КОВИД-19, беше одложено за мај годинава. За јавноста ќе биде отворено од 22 мај до 21 ноември. Куратор на 17. издание на Биеналето на архитектурата е либанскиот професор и архитект Хашим Саркис. А.Р.