Триесетина млади лекари кои се на приватна специјализациија на Клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво нос и грло и Кожната клиника покажале интерес да се вклучат во работата на ковид центрите и да им помогнат на пациентите на овие клиники.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска разговарал и со младите лиценцирани лекари за нивен ангажман во здравствените установи, а до крајот на неделата ќе се допрецизираат условите за нивно приклучување.

Инаку, утрово министерот Филипче одржа состанок со директорите на интерните клиники на кој беше разгледана моменталната состојба со пополнетоста на ковид центрите, состојбата на пациентите таму, расположливоста со медицински персонал и можностите и потребата од проширување на капацитетите.

Така, Клиниката за очни болести, од утре почнува со хоспитализација на ковид пациенти и ќе може да се сместат 33 пациенти. Во моментов, на интерните клиники има околу 20 слободни места, а се очекува да се направат и дополнителни исписи на оздравени пациенти.

-Состојбата е сериозна. Се соочуваме со силен бран на вирусот и голем наплив на болни. Наша цел е ниту еден пациент да не остане без лекарска грижа, а во исто време да не го намалиме ниту редовниот програм на клиниките за акутните и хроничните пациенти кои за тоа имаат потреба – вели министерот Филипче. А.Р.