Поради непочитување на епидемиолошките мерки во Црна Гора и растот на бројот на новоинфицирани од денес до понеделник, 2 август, надлежните ќе воведат привремена забрана за работа на ноќни клубови и дискотеки, и во затворен и на отворен простор, пишува подгорички „Вијести“.
Забранети се забавите и музичките фестивали, како и сите масовни собири во затворени простории.
Осврнувајќи се на свои сознанија, „Вијести“ пишува дека од 2 август престојот во внатрешноста на угостителските објекти нема да биде можен безусловно.
Во фокусот на Дирекцијата за инспекциски работи ќе биде контролата на собири на отворено и музиката во живо во градините на локалите. Доколку продолжи трендот на кршење, ќе се разгледа нивно укинување или дополнително ограничување, пишува весникот.
Кавариќ се залага за задолжителна вакцинација
Претседателот на Здружението за превентивна педијатрија и поранешен директор на Здравствениот дом Подгорица, Небојша Кавариќ, се залага за воведување на задолжителна вакцинација против корона вирусот во Црна Гора, бидејќи процентот на вакцинирани, вели тој, е далеку од потребните 85% на граѓаните.
Кавариќ за подгорички „Дан“ посочи дека дискретни податоци за растот на бројот на заразени лица можат да бидат многу предупредувачки.
“Би бил многу среќен да направам грешка во прогнозите. Ако сме паметни сега, ќе се вакцинираме и ќе чекаме помирна есен, кога вакцината е веќе тука. Стотици илјади граѓани се изложени на ризик ако започне четвртиот бран, затоа што имаме околу 150.000 ревакцинирани. Лесно е да се прсмета ако имаме околу 620.000 граѓани, колку возрасни и деца се изложени на ризик. Јас професионално би барал вакцината против корона вирусот да биде задолжителна во дадените околности. Да не биде само препорачана “, рече Кавариќ.
Тој посочува дека граѓаните треба да имаат морална и здравствена обврска да бидат вакцинирани, со цел прво да се заштитат себеси, потоа најранливите членови на семејството, а потоа и сите други. А.Р.
