Пишува: Сунчица Уневска
Отворањето на 44. „Браќа Манаки“ и „одгласите“ (кои ги нема) за него, најдобро ја покажуваат состојбата во нашата земја. Тотален крах на критериумите (кога станува збор за она небулозно сценарио и однесување на самото отворање на фестивалот), целосна индиферентност кон состојбата со филмската фела (за која на фестивалот зборуваа токму оние кои најмногу и наштетуваат), и немање никакво чувство, ниту познавање за вредностите (ако може со „еуфорија“ да се прифати калкулаторската и тотално неиздржана одлука наградата на ДФРМ да ја добие Лабина Митевска).
Се продава Златна камера 300
Циркуски, невкусно, неадекватно отворање
До каде дојдовме кога веќе ништо и не препознаваме. Какво беше тоа отворање, каква лакрдија, каква „селска приредба“, како што со право вели еден наш голем автор, која не можат да ја прикријат ни култните песни и филмови кога таму дефинитивно не им е место. Но, за да знаете што е адекватно треба култура, треба искуство, треба познавање, треба правење разлика што оди на екран, а што на сцена, треба учење, треба градење критериуми. Не е доволно да се повикате на филмови или песни, треба да знаете каде да ги ставите. Треба да знаете, ако носите големи автори, како тие треба да бидат испочитувани. За тоа не е и не може да биде доволно да глумите фестивал.
Цитирање на празни флоскули
Најдобар пример се токму челниците на ДФРМ, за што веќе толку пати е зборувано и поткрепено со многу факти, кои ни ги даваат самите филмски работници. Бидејќи, ДФРМ не само што си го присвоија „Манаки“ (кој ќе потсетиме стоти пат, е основан од група филмски работници, од Кинотеката на Македонија и градот Битола и кој целосно се одржува со државни пари), туку ја присвоија и Агенцијата за филм. Исто така, пишувано којзнае колку пати, дека Агенција за филм постои само за една шака луѓе од ДФРМ кои водат буквално сè, односно од нив зависи кој ќе снима, од нив зависи кои автори и продуцентски куќи ќе бидат поддржани, тоа е единствено здружение чии членови, се разбира, одбрани, примаат месечна плата односно месечни приходи од Агенција за филм, но не врз база на проекти и конкурси како сите други здруженија во државава, туку како редовни примања?? Освен тоа, „Браќа Манаки“, како и сите други манифестации што ги измислија, носат пари и они од тоа нема да се откажат, односно прават сè за тие привилегии да ги задржат.
Затоа „Браќа Манаки“ е нивна манифестација и затоа деновиве и дадоа таков дрзок одговор на еден од советниците во Битола, дека тоа е нивни фестивал и дека претседателот го бира „собранието на друштвото“. Многу е интересно што нивното здружение и органи, собрание или надзорен одбор, ги третираат буквално како институции, а не се. Тоа е собрание на здружение и факт е дека нема никаков легитимитет, освен во рамки на здружението. Се разбира, ДФРМ поддржува едвај една третина од филмските работници, знаеме многу од нив како живеат и многу кои си отидоа од земјава или не се враќаат затоа што тука не можат да работат. Говорот на Игор Иванов дека ќе ја „спасат“ филмската фела е многу интересен, бидејќи филмската фела првенствено треба да ја спасат од самите себе, а дури потоа да се зборува за нивните права итн, итн.
Лабина Митевска во редот со Ценевски, Стојанова, Попов, Манчевски???
Настрана што со таа награда се измешани баби и жаби, бидејќи едно е актер, едно е автор, а друго е продуцент и менаџер. Тие награди секаде се одвоени, тоа се различни категории, различни придонеси. Но, еве и да ги споиме, реално за каква биографија зборуваме за воопшто да може да се зборува за значаен придонес кон македонскиот филм. За што зборуваме овде, освен за калкулациите на неколкумина од ДФРМ кои никако не можат да го остварат тоа што го посакуваат, па веќе не знаат што да смислат… Срамно е да се прескокнат, како што напиша еден мој колега, актери како Коле Ангеловски, Петар Арсовски, па дури и постхумно, Митко Апостоловски, Мери Бошкова, Сабина Ајрула, а награда да добие Лабина. Ако можеме да ја изедначуваме со Милчо Манчевски, со Столе Попов, со Милица Стојанова, со Љупчо Константинов, со Кирил Ценевски, тогаш навистина не знам што да кажам….
Македонскиот филм според ДФРМ од нив почнува
Со други зборови, има многу што да се зборува за „Браќа Манаки“ за контроверзиите, за проблемите, за лошите решенија, за промашувањата, за избрканите филмски работници, за избрканите директори без да им заврши мандат, Гена Теодосиевска и Таки – Димитар Николов, кој тужеше и доби на суд, за многу, многу други присвоени работи и штети што ДФРМ ги прави за филмската фела, која сега ќе ја спасува. Од кого? Од министерката за култура, бидејќи не им се допаѓаат извештаите на инспекциите од Министерството или не дај боже кратење на парите кои без никаков основ редовно ги земаат, па затоа после нападите врз Милчо Манчевски поради пријавувањето на корупција во Агенција за филм и ДФРМ, мораат да удрат врз сите други „непријатели“, односно врз сите кои претставуваат закана да ги изгубат нивните бројни привилегии. За потоа да излезат на бина и да зборуваат за уметност… И никому ништо. Медиумите ги цитираат како ништо да не било. Слепи и глуви, или селски и пресметано, како и да е, тоа сме ние, и затоа сме таму каде што сме.
