Пристап до вода има, но не и свесност за еднаквоста на пристапот

63

Пишува:Наташа Доковска

Во Македонија 97% од граѓаните го остваруваат правото на пристап до вода за пиење, но сеуште има граѓани кои согласно европските стандарди немаат пристап до вода за пиење, а само 18% од населението се опфатени со санитарен систем – беше заклучено за време на дводневната конференција за пристап до води и санитација – Национални политики и Локални акциски планови“, организирана од страна на НВО „Новинари за човекови права“ и Институтот за јавно здравје на Македонија.

На конференцијата, министерот Зоран Шапуриќ во своето излагање помеѓу другото, нагласи дека право на пристап до безбедна и квалитена вода за пиење е едно од основните човекови права и дека без остварување на ова право не може да стане збор за квалитетен живот на нашите граѓани. Во Македонија, над 90% го остваруваат ова право, но сеуште има граѓани кои согласно европските стандарди немаат ваков пристап до вода за пиење, а само 18% од населението се опфатени со канализациски систем.

Министерот исто така нагласи и дека во наредниот период Владата и сите државни органи, како и единиците на локалната самоуправа максимално ќе бидат посветени на подобрување на овие состојби. Проектот кој ги презентира детално состојбите со води, дава солидна основа за преземање на натамошни мерки и активности. Надоградување на интегрален систем на управување со води бара мултисекторски пристап и посветеност на сите засегнати страни, но и одговорност на сите нас кон рационалното користење на водните ресурси.

Податокот дека во Република Македонија има само 18 отсто покриеност со квалитетна канализациска мрежа е повеќе од алармантен. Ова го изјави заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, кој учествуваше на Конференцијата за национални политики и локални акциски планови за правичен пристап до вода и санитација. Според него, ваквата реалност е резултат на долгогодишниот моноцентричен развој на државата и само Скопје и поголемите урбани центри ги имаат обезбедено комуналните јавни услуги на задоволително ниво, а дури и во градот Скопје има огромни разлики меѓу градското јадро и селата.

vod ai sanitacija

„Согледувајќи го проблемот, Владата во буџетот за 2018 година обезбеди 100 милиони денари повеќе или над 60 отсто зголемени средства за рамномерен развој во однос на минатата година или во 2018 година 6 милиони евра преку Министерството и Бирото за регионален развој ќе бидат насочени за развој на планските региони, од кои 70 проценти за развој на планските региони, 20 проценти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10 за развој на селата. Сите граѓани имаат право на еднаков пристап до јавните услуги, без разлика каде живеат, затоа политиката на Владата е поинтензивно финансирање проекти во области за кои е констатирано дека се приоритетни, како што се водоснабдувањето, одведување на отпадните води и складирање на цврстиот отпад“, рече Павлески.

И додека политичарите говорат за плановите што ќе направат за намалување на последиците од несоодветен пристап до вода и санитација, претставниците на НВО „Новинари за човекови права“ велат дека преку само-проценката дошле до резултатите кои веруваат дека ќе ја подигнат свесноста на локално ниво за потребата од соодветен присап до вода и санитација.

Тимот на „Новинари за човекови права“ во соработка со Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје од Куманово, Скопје и Велес, во период од четири месеци спроведоа теренско истражување на урбаните и руралните средини во трите општини во однос на самопроценката за пристап до вода и санитација. Наодите во извештајот од истражувањето беа презентирани на конференцијата пред надлежни од ресорните министерства, како и пред претставници на трите општини.

– Податоците што ги добивме говорат дека во 90% од овие општини имаат правичен пристап до вода и санитација. Но, има работи на кои треба да се стави акцент и треба да се подобрат во наредниот период. Не изненади дека во Скопје и во другите две таргетирани општини нема јавни тоалети, дека во руралните средини е несоодветен пристапот до санитација, особено во училиштата. Скоро ниту едно училиште, освен во Велес, немаат услови за менаџирање со менструалната хигиена на ученичките, и дека во религиозните објекти во овие три општини речиси нема никаков пристап до санитација за верниците, едноставно тоалетите се заклучуваат – истакна Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“.

Изработката на Извештајот за самопроценка за пристап до вода и санитација во Скопје, Куманово и Велес беше поддржан од Економската комисија на ОН за Европа, посебно Протоколот за вода и здравје. Ева Баренберг, од Европската комисија на ОН за Европа, напомена дека од анализите произлезе заклучокот дека пристапот до вода и санитација е несоодветен за одредена група на лица, како и дека послаб е пристапот до вода и соодветна санитација во руралната средина за лицата кои работат на отворено.

voda

– Целта е заклучоците од овие три општини да се искористат за подобрување на ситуацијата во самите општини, меѓутоа да се искористат како алатка која може да се примени за проценка на ситуацијата за пристапот до вода и санитација на ниво на цела држава – рече Баренберг.

Професор д-р Михаил Кочубовски нагласи дека во тек е подготвување на локалните акциони планови што се направени врз основа на добиените резултати што ќе им бидат понудени на општините за да бидат усвоени во нивните програми за работа.

– Ги најдовме слабите страни со цел да ги елиминираме. Од некои од општините имаме најава дека сакаат тоа да го спроведат. Ќе следи надградба, не само во овие три општини што ги опфативме, туку во целиот североисточен регион. Има општини кои пројавија интерес да го спроведеме истражувањето и кај нив и да донесеме локални акциони планови кои ќе им помогнат во нивната работа во интерес на јавното здравје и намалување на болести предизвикани или поврзани од водата во однос на санитација – рече Кочубовски.

Тој посочи дека сите луѓе во светот ги мијат рацете со вода и сапун, за 44% би се намалиле бројот на случаи на дијареа/проливи.

– Имаше анкета која ја правеа повеќе држави и таа покажа дека во Македонија има високо ниво на одржување на лична хигиена, но ако немате услови како ќе ја спроведете. Затоа мора да ја обезбедиме хигиената и да се подигнеме свеста за да може да се применува – рече тој.