Прозната книга „Приказни од Пајко Маало“ на Марина Мијаковска беше промовирана на 27 јули во рамки на 42-то издание на Скопско лето. Промоцијата се одржа во Музејот на македонската борба.  Ова е втора прозна книга на Марина Мијаковска.

Книгата „Приказни од Пајко Маало“ содржи 16 куси раскази инспирирани од културно-историските обележја на Скопје. Во првиот расказ „Градот со широка душа“ и „Скопје со ново копје“ се обработени легендите за тоа како настанало Скопје и како го добило името. Во следните раскази „Шеќерната волна од Скопското корзо“, „Пајтонот од Пајко Маало“ и „Боемски јорговани“, се опишува старата градска архитектура, а преку топосот на Пајко Маало се прикажува духот и времето на минатото пред земјотресот. Во другата половина од книгата преку расказите: „Тишина, библиотека!“, „Брзи-спори времиња“, „Пајко Маало во бешамел сос“, „Скопјанец и сè е можно“, „Скопјанка стана матичар“,  „Не оди кај гаталец, прашај паталец“, „Сите деца не се прават од љубов“ и „Мис на светот од Пајко Маало“, книгата нè воведува во денешното Скопје и животот денес. Последните три раскази „Поштенска марка“, „Сувенири од Скопје“ и „Разгледница од Скопје“ ја носат пораката на авторката дека културата и историјата од Скопје прават вечност. Преку ликот на хроничарот Панајот Поп Панков, занаетчија и трговец, Мијаковска преку заеднички конец ги сошива скопските приказни од минатото и сегашноста. Преку ваквата постапка, книгата може да се чита и како новела, но и како книга со раскази.

За нашите читатели ексклузивно објавуваме два од расказите на Мијаковска.

ГРАДОТ СО ШИРОКА ДУША

Во животот населуваме многу градови, а само на еден целосно му припаѓаме и секогаш му се враќаме. Во мојот поглед брануваше бескрајната потреба за една долга прошетка. Телото на градот тукушто ја растера мрачната кошула на зимата и целосно и се потчини на пролетната разголеност пред светлината. На пролет нашето магично место се буди од зимската зашеметеност и зад себе ја остава црната и прашлива дебела облека. Токму тогаш Скопје ја добива новата шаренолика обвивка и блеска во безброј сјајни блесоци.

-„Секој град има своја душа! Дозволете да ви ја покажам!“ – Панајот си измрмори тивко во себе додека од Пајко маало се упатуваше кон кејот „13-ти Ноември“.

Ситните старо-нови каменчиња ја изградуваат целосната слика на сложувалката наречена Скопје. Во градов спијат населбите кои си подаваат раце меѓусебно и го создаваат раскошниот скопски мозаик. Низ Скопје минуваат реките Вардар, Серава и Лепенец, а над ги сечат дваесеттина моста. Срцето на Скопје е градското јадро што заспива на брегот на реката Вардар и кон Водно ја шири својата раскошна топлина. Центарот на градот е точката во која се спојуваат двата брега преку Камениот мост што е најстариот мост изграден во VI век. Тој го поврзува плоштадот со Старата скопска чаршија и кулата на скопската тврдина Кале. Камениот мост е културен симбол на градот. Во овој дел импозантни се и мостовите: Мајка Тереза, Слобода, Гоце Делчев, Мостот на уметноста и Око. Туристите кои минуваа низ Мостот на уметноста ја нахранија љубопитноста со куса прошетка низ центарот на градот. Панајот се размина со туристите и помина низ прекрасниот трокатен трговски центар ГТЦ во кој имаше безброј продавници, млечни кафеани и кафетерии. Тој со долги лесни чекори се движеше низ првиот кат. Панајот Попанков долго чекореше низ делот во кој се наоѓаат многу локали од кои ечеше опојна музика, а во позадината се слушаше шумот од разговорите на многубројните минувачи. По сите катови од зградата на трговскиот центар има голем број на шетачи кои како пеперутки танцуваа низ воздухот и забрзано се движеа низ него. Во 2019 година над ГТЦ изникна невообичаен зелен покрив со фонтани и базени, мини амфитеатар, клупи и шаховско поле. Оваа зелена оаза е реткост во урбаната култура. Тука граѓаните можат да уживаат во прекрасниот поглед и да го вкусат здивот на веселиот плоштад. Најпогодно место за прошетка и средби со пријателите е шеталиштето до кејот на Вардар кое се наоѓа зад зградата на трговскиот центар. Кејовите на градот се присутни на еден ненаметлив начин. Тие се одлично место за колективно здружување, прошетки и возење велосипеди. Панајот се беше упати кон шеталиштето и длабоко се пробиваше низ патеката што беше извајана од толпа луѓе кои уживаа и се капеа под сончевата светлина. Таму беше забележал неколку соседи од Пајко маало кои ги отпоздрави со кимање. Времето вртоглаво го менува лицето на градот. На овој нов дел никнаа дрвени клупи, фонтани, прекрасни дрвја кои шират ладовинки и ја создаваат оазата во која луѓето уживаа секојдневно. На оваа долга патека се наоѓаат многу масички и столчиња од локалите. Ова шеталиште продолжува да се шири кон плоштадот и наликува на големите и раскошни плоштади на европските метрополи. Скопскиот плоштад е изграден во периодот меѓу 1920 до 1940 година. Во неговата прегратка се издигнувале најважните зданија во градот. Низ вековите плоштадот го менуваше неговиот изглед и име. Новата сивкаста облека на плоштадот денес е декорирана со голем број на жардиниери со бели, црвени и розови рози кои шират цветните ароми во воздухот. Скопје отсекогаш е град на цвеќето. Розите се симбол на градот. Од 2011 година главниот плоштад го краси фонтаната Воин на коњ. На ова место во летните месеци се одржуваат најразлични манифестации и концерти. Културното око на градот убав го красат неколкуте книжарници низ чии излози ѕиркаат книги со најновите наслови. Во Старата скопска чаршија се наоѓаат и занаетчиските дуќани на најстарите занаетчии. Преку занаетите и трговските дуќани се чува традицијата на нашиот народ. Панајот Поп Панков е стар скопјанец од Пајко Маало кој во својот дуќан верно ја чува секоја легенда за настанувањето на секое катче од старото Скопје. Панајот појде во паркот Жена борец и забележа пензионери како играат шах. Седна до нив и започна разговор:

-„Каков е резултатот денес?“ – праша тој.

-„Реми! Да се утепа денот!“ – му одговори едниот шахист.

-„Секое пладне сме тука за да се дружиме и да уживаме! Секогаш завршуваме со реми. Важно е да се игра, а и животов е игра. Таблата е црна и бела, а и скопскиот животец е таков.“ – низ мустаќите му одговори вториот играч. Шахистот ја зеде фигурата коњ и со нејзе изведе напад на кралот на шахистот противник. Потоа по изведениот потег го запраша набљудувачот до него:

-„А кое е твоето хоби?“ – едниот шахист го запраша Панајот додека ги набљудуваше. Старецот стана, топло ги поздрави шахистите и им одговори:

-„Јас сум хроничар на градот. Во моите приказни  ги запишувам сите промени во кожата на градот. При секоја прошетка ја впивам историјата што се шири како памук од секое камче од калеидоскопот од времето на Аквадуктот и живее сè до денес во 2021 година.“

Панајот беше висок и строен старец. Во ликот имаше светлина. Тој имаше темно сини очи, пробелени тенки мустаќи и ќелава глава. Панајот носеше темни фармерки и сина маица. Сега тој продолжи да се движи кон неговото Пајко маало. Душата на градот ја чинат улиците, луѓето, парковите, куќите, секојдневните настани и животни навики на жителите. Разноликоста на старото и новото руво на Скопје и неговата топла прегратка се причината поради која нè обзема чувството дека токму тука припаѓаме. Соколите се преселуваат и создаваат различни гнезда, а за нас само Скопје си е дома. Топлината на градот и нашите души се слеваат како сродни души и живеат заедно како белег на едно заокружено време. Панајот Попанков ќе ни ги отвори ќепенците на неговиот дом во Пајко маало и кујунџискиот дуќан во Покриената чаршија. Таму тој ќе нè внесе низ лавиринтите на легендите за древното Скопје. Низ вековите се напластуваат најразлични приказни за Пајко маало, а скопскиот хроничар Панајот Попанков е жив сведок на богатата историја и култура на градот постелен врз плеќите на Скопската Котлина.

РАЗГЛЕДНИЦА ОД СКОПЈЕ

Колку векови ги ронеле камените карпи под твоите нозе, граду мој? Колку војни, земјотреси, поплави и непријателски воени чизми те пустошеле, граду наш? Колку невремиња, епидемии и неприродни поделби ти ја газеа гордоста, Скопје? Сè тече и се менува, а ти секогаш си победоносец со копјето во раце, и само гордо јуришаш во нови победи. Се биеш со злото и оставаш спомени трајни што со добрите дела ќе бидат знајни! Скопје граду убав, биди ни љубов, остани вечност!

Нашиот скопски хроничар Панајот Поп Панков со ваква порака ја потпиша купената разгледница. Таа беше со најразлични фотографии во боја од најзначајните културни знаменитости на старо-новото Скопје. Стариот скопјанец Панајот ја адресираше разгледницата до сите идни поколенија на градот. Тој им остави аманет на скопјани вечно да го чуваат споменот за Град Скопје и вечно да го љубат ова прекрасно и единствено магично место.