ФИН Проект ќе го промовираат својот нов албум „Re:vision”на 15 септември во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Албумот „Re:vision” како оригинален музички израз претставува фузија на електронска музика со призвуци на џез и world music и содржи шест композиции: „Rising Thoughts“, „The Beginning“, „Vision“, „Mind Travel“, „Re:vision“ и „Дај некој благослов“. Продуцент и автор на музиката и аранжманите на сите композиции е Никола Стојковски, кој воедно е одговорен и за програмирањето на електронските инструменти, а покрај него ФИН Проект се и: Александар Николовски (труба), Калина Велковска (вокал), Иван Петровски (гитара) и Филип Димишковски (клавијатури).

На промоцијата ФИН Проект ќе изведат две композиции од албумот, а ќе биде промовиран и видео записот за песната „Дај некој благослов“, која како сингл изминативе два месеца високо котираше на топ-листите на македонските радио-станици, но и на неколку европски радио-станици. На оваа композиција гостуваат Васко Атанасоски (Бернајс пропаганда), како вокал и автор на текстот и Тена Рак – вокал. Видео записот е компилација на сцени од филмот „Малиот бог на љубовта“ на црногорскиот режисер Жељко Шошиќ со Никола Ристановски и Нина Виолиќ во главните улоги.

Албумот „Re:vision”, кој е снимен во студиото ФИН Проект во Скопје, е издаден со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија. ФИН Проект е присутен на македонската музичка сцена од 2012 година и нивниот музички концепт нуди поинаков и современ синергиски пристап изразен преку електронски аранжмани во фузија со различни стилски изрази – lоunge звуци, фузија од world music, џез-рок и chill елементи. Досега имаат издадено три албуми: “Beats & Ornaments / Inside Macedonia”, Lithium Records, 2012; “The Sun is One”, Bagi communications, 2015 and “FIN Project – FIN Project”, Plur Rec – Ibiza, 2016.