Мистериозниот човек познат како Сатоши Накамото кој се верува дека е изумител на биткоинот, би можел да стане најбогатиот човек на планетата, ако веќе не е. Речиси е сигурно дека тој е сега на листата на Форбс на најбогати пред милијардерите Бил Гејтс и Џеф Безос.

Кога биткоинот почна нагло да расте, проценката беше дека Накамото „тежи“ околу 17 милијарди долари, па така, во согласност со новите вредности на криптовалутата и прогнозите колку ќе расте, таткото на биткоинот може да стане првиот билионер во светот.

Биткоин оваа година забележа раст од 1.800 проценти. Минатата недела, за првпат, беше надмината границата над 19.000 долари. Се верува дека Накамото има речиси еден милион биткоини и никогаш не продал ниту една монета.

Идентитетот на Сатоши Накамото, што е псевдоним за авторот кој започна да работи со биткоинот пред околу девет години, останува мистерија. До денес, никој не знае кој е Накамото. Во изминатите години имаше најмалку четири лица за кои се веруваше дека се кријат зад тие псевдоними. Последниот „осомничен“ беше Илон Маск.