Авионот се урна само 4 минути по полетувањето Foto Tanjug - AP

Индонезиските власти ги пронајдоа црните кутии и делови од патничкиот авион на „Сривиџаја ер“ што се урна во океанот во саботата веднаш по полетувањето од аеродромот во Џакарта со 62 патници и членови на екипажот.

Иако сè уште нема официјални податоци за жртвите, шефот на службата за цивилна авијација, Хади Тиханто, рече дека биле пронајдени скршени делови од авионот, посмртни остатоци од патници и облека.

Пресвртна точка во потрагата по авионот на компанијата Сривиџаја беше кога сонарот од воениот брод го откри сигналот на локаторот на авионот на местото за кое претходно се сомневаше дека е местото на несреќата.

Сè уште не е познато ништо за причините за падот на авионот, што не го преживеа ниту еден од патниците и членовите на екипажот, пренесува АП.

“Сакам да изразам длабоко сочувство во името на сите индонезиски граѓани за оваа трагедија. Се молиме да најдеме некој преживеан”, рече индонезискиот претседател Џоко Видодо.

Несреќата најпрво ја пријавиле рибари кои ловеле риба во водите на Јаванско море и кои првпат ја слушнале експлозијата вчера околу 14,30 часот, а потоа виделе голема столб вода и бран како се движат кон нив.

“Мислевме дека станува збор за бомба или цунами поради големиот столб вода што се издигна над површината на морето. Бевме шокирани кога подоцна видовме делови од уништениот авион”, изјави еден од рибарите.

Во авионот имало 62 лица, од кои седум деца и три бебиња. Сите биле Индонезијци, изјавија официјалните лица.

Властите веднаш отворија два кризни центри, на аеродромот во Џакарта и на пристаништето.

Претседателот на авиокомпанијата „Сривиџаја“ изјави дека авионот, стар 26 години, бил технички исправен и дека летот доцнел поради лошите временски услови, а не поради проблеми со исправноста на леталото. А.Н.