Во Зимбабве започна воен удар, а армијата влезе во главниот град Хараре со намера да го собори претседателот Роберт Мугабе, јавуваат светските медиуми. Оклопни возила ги блокирале виталните точки во градот и касарната на претседателската гарда.

Претходно, четири оклопни возила на армијата на Зимбабве се забележани пред главниот град на таа земја, Хараре. Странските агенции објавија дека се работи за трупи лојални на симнатиот заменик-претседател Емерсон Мнангаве, кој беше заменет од претседателот Роберт Мугабе. Неколку часа подоцна беше јавено дека десетици воени возила доаѓаат по истиот пат.

До придвижување на војската дојде откако командант на армијата Константино Чивенга рече дека ќе интервенира ако не престане „чистката на ветерани“, кои го поддржуваат Мнангаве, кој исто така е ветеран и херој на војната за ослободување на земјата во 1970-те години.

Мугабе го отпушти Мнангаве и го обвини дека планирал да ја преземе власта, служејќчи се дури и со магии, објави АП. Мнангаве ја напушти земјата поради, како што рече, заканите упатени кон него и неговото семејство.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека оклопни возила се паркирани веднаш до главниот пат за Хараре, на околу 20 километри од главниот град, но војниците одбија да кажат нешто во врска со причините за нивната поставеност на овие позиции. Експерт за воени работи на Зимбабве на Јужноафриканскиот универзитет во Преторија, Мартин Рупија, изјави за Ројтерс дека се чини дека армијата врши притисок врз Мугабе.

„Постои прекин во односите помеѓу извршната власт и вооружените сили“, рече тој.

Владејачката партија во Зимбабве ЗАНУ-ПФ го обвини воениот командант Константин Чивенго за „предавничко однесување“, по предупредувањето за можна воена интервенција, објави „Би-би-си“. Според партијата, коментарите на генералот се „пресметани за да го нарушат националниот мир и да предизвикаат револт“. Партијата, исто така, изјави дека никогаш нема да подлегне на „воени закани“ и ќе го потврди приматот на „политиката над пиштолот“.

Странските медиуми шпекулираат дека ова би можело да биде крајот на владеењето на Роберт Мугабе. Мугабе (93) е на власт 37 години и е единствениот претседател на таа африканска земја откако е прогласена нејзина независност од Велика Британија. Се веруваше дека разрешениот Мнангаве ќе го наследи Мугабе на таа позиција, но сега се шпекулира дека до промена дошло за на оваа позиција да биде поставена сопругата на претседателот Грејс (52).

Амбасадор: Ништо не се случува

Амбасадорот на Зимбабве во Јужна Африка Исак Mojo ја отфрли синоќа можноста во Зимбабве моментално да се случува воен удар и рече дека владата во Хараре е „недопрена“, и покрај присуството на војници на улиците на главниот град. „Ништо всушност не се случува. Ова се само тврдења на социјалните мрежи“, изјави Мојо за Ројтерс.