Уште во стомакот на мајката детето ги слуша звуците и почнува да развива љубов кон музиката. Од самото раѓање па се до тргнување во школо својот однос кон ритамот и звуците детето го изразува на разни начини. Додека децата се помали до една годишна возраст најчесто кога ќе слушнат музика почнуваат да се нишаат, да ги креваат рачињата, да се вртат кон изворот на звукот и да пеат на самогласките ааааа, ееееее, ооооо…

Ирена Стојилковиќ Гавроска
Дипломиран музички педагог

Понатака како растат со движењата на музиката се поттикнува развојот на меморијата и координацијата око-рака (очи-раце).. Со појава на говорот децата учат едноставни и кратки зборови од песничките. Песничките кои се поврзани со имињата на животните или предметите им помагаат на децата да го прошират својот вокабулар на зборови, а воедно и се развиваат нивните вокални способности.

Стануваат свесни за ритамот во музиката и ја развиваат координацијата која е потребна за свирење на едноставни детски музички инструменти како што се ѕвончиња, ѕвона, тапан…

После петтата година кај детето се развива музичко помнење и на таа возраст детето е веќе способно да испее цела или дел од песничка. Се развива и способноста за свирење на едноставни удирни инструменти, а ако децата имаат услови, можат да изведат и едноставни песнички на клавир-пиано најчесто со една рака (некој деца успеваат и со две раце). Музиката го забрзува развојот на мозокот кај малите деца, особено во областа на перцепција на говорот па дури и во читањето. Децата низ музиката ги изразуваат и искажуваат своите чувства и емоции, стекнуваат осет за ритам брзо-бавно и на тој начин ја развиваат фината моторика. Со активно слушање на музиката и играње на разни музички игри кои се исто така многу интересни за сите возрасти, децата ја зголемуваат својата концентрација, се учат да бидат трпеливи и смирени. Голема улога во развојот на говорот како и на прозборувањето кај децата исто така има музиката. Ритамот на слоговите помага во разликата на звуците и овозможува да се разбере тоа што се зборува. Со перцепција на звукот се развиваат когнитивните способности, што има траен резултат во понатамошното учење.

Поради сето ова им се препорачува на сите сегашни и идни родители да ги воведат децата во светот на музиката уште од најрана возраст, да пеат, танцуваат…

Пишува: Ирена Стојилковиќ Гавроска
Дипломиран музички педагог
Вработена во ПДУ „Светот на Колорес“-Аеродром