До редакцијата на ТЕХТ.МК стаса реакција на текстот „Туристичките агенции се предомислија и не ги обештетуваат клинетите ниту им ги пренаменуваат средствата уплатени за одмор“. За содржината на реакцијата не сакаме да дебатираме, но за нашата професионалност не дозволуваме никој да суди пред да знае дали и кого сме контактирале за подготовка на текстот, во кој патем и пишува…За жал реакцијата е потпишана само од „Сектор туризам“, без име и  презиме, но и покрај тоа ја објавуваме во целост, а оставаме на читателите да се информираат што треба агенциите да прават. Воедно ги повикуваме и клиентите кои (не)добиле заемски ваучер за уплатеното патување да не информираат за да направиме уште една сторија…

Реакцијата на „Сектор туризам“:

Почитувани,

По текстот објавен на Вашиот портал, туристичките агенции се крајно разочарани, прво од непрофесионалниот однос на еден медиум, кој објавува непроверени информации и дава свое мислење и заклучок за работењето на агенциите и самото Министерство за економија. Ако сте вистински новинари, ќе знаете дека основата за објавување на ваков текст е тотално непрофесионална од повеќе аспекти. Прво, при создавање на вест, треба да се пласираат точни информации (вашето прашање дали агенциите работат на диво е тотално несоновано бидејќи пишавте кои се условите за А и Б лиценца, а потоа прашувате дали се работи на диво? Сметаме дека само подгревате тензии за да се оцрни рејтингот на туристичките агенции, кои впрочем се регистрирани и јавно објавени на сајтот за Министерство за економија). Насловот дека агенциите се предомислиле е тотално неточен, затоа што агенциите и самото Министерство за економија при донесувањето на одлуките за ваучерите, јасно кажаа дека средствата ќе се користат исклучиво за аранжманите кои се во закуп на агенцијата организатор на патување. Така беше од првиот ден, и така е сега, никој не се предомислил. Како мислите дека агенциите можат аранжман уплатен на пример за Малта, каде агенцијата ги уплаќа веднаш средствата со цел сигурност на местото, да се пренасочат во Македонија, на пример во Негорски бањи? Мислите дека странските тур оператори ги вратија парите? Мислите дека агенциите имаат бескраен извор на пари? Да беше така немаше да се бориме секојдневно на секаков начин за да добиеме помош од државата за да не пропаднат агенциите и со самото тоа средствата на граѓаните. Сметаме дека е крајно безобразно да се оцрнуваат агенциите кои ионака се заглавени со закупи и уплатени пари низ целиот свет, а при тоа не се можност да работат веќе шест месеци и немаат никаков прилив на средства. Во уредбата на ваучерите (објавено и во Службен весник) стои дека истите имаат важност на траење до 31.12.2021 година. Второ, кога имате една засегната страна, во случајов „странките“ за кои не наведовте ниту име, ниту презиме, ниту конкретен доказ дали е точно тоа што тие го велат, треба да ја прашате и засегнатата страна. ОСНОВНО новинарско правило! Нас до овој момент, ниту еден од вашите „новинари“ не не исконтактира за изјава, став и мислење. Трето, во ваква вест медиумската куќа не завзема став, бидејќи медиумот е гласникот на народот кој треба точно, навремено и информирано да пренесе актуелно случување, без при тоа да даде свое мислење. Ако сте сакале да давате став, тогаш напишете колумна со име и презиме, па да знаеме кому да се обратиме. Не можете од ракав да пишувате коментар дека „се чини дека место за компензација и почитување на одлуките на Владата баш и нема“. Дали се информиравте кои се одлуките на Владата? Дали се јавивте во Министерството за економија за коментар за ваучерите? Да се јавевте немаше да напишете ваков текст. Клиентите имаат право да даваат изјави и да се жалат, но нас не праша ли некој? Под итно бараме извинување до секторот туризам поради објавените невистини, или во спротивно ќе бидеме приморани да поднесеме тужба за нарушување на угледот на туристичките агенции. А ако се прашувате од каде правото да солиме памет за новинарство и правила, овој текст го напиша токму дипломиран новинар, кој одлично ги знае новинарските кодекси и е згрозен од начинот на кој се пласираат информации во јавноста.

И за полисата за осигурување од дејност, за жал не покрива ништо за обесштетување на патниците, на таа тема може да поразговарате со осигурителните компании. Иако како што сте пишале сите ние плаќаме од 400 до 500 евра годишно полиса за осигурување од дејност, во вакви моменти немаме никакво покритие.

И исто ако мислите дека некои агенции оштетиле граѓани, не им издале ваучери или дека им пропаднале средствата разговарајте со агенциите и наведете ги со точен назив, бидејќи вака не навредувате сите и ни правите голема штета.

Со почит, Сектор за туризам