Валентина Ѓоргиевска Парго

Во чест на 8.април, Меѓународниот ден на Ромскиот идентитет, повторно објавуваме едно од многуте интервјуа со ромскиот актер Рифат Сулејман (1931-2019), кое беше направено пред неколку години.

***

Алфонсо, нема кој не го знае. Тој е познатиот лик од „Шампионите на Шутка“, шампион во пиење капучино, купување на костуми кои ги има околу 60-тина, на кошули и вратоврски, кои ги има во уште поголем број, во собирање на касети, во борба на гусаци, но и шампион во дружење и во фотографирање со убави млади ликови. Како, и по тоа што има триесет внуци и правнуци.

Инаку, актерот- натуршчик Рифат Сулејман е познат и по малата улога во филмот на Кустурица, „Црна мачка, бел мачор“. Но, ретко кој го знае со неговото вистинско име, си го зел Алфонсо за свој псевдоним, според истоимениот заводник од популарната серија „Касандра“.

Со шампионот поминавме едно пријатно саботно пладне, во кое научивме доста корисни работи за животните и за неговата љубов кон нив.

-Роден сум во 1931 година, татко ми бил кмет на општината Шутка. Јас сум роден на нива, кога моите родители Рамиз и Барјамша биле на берба на лубеници. Моите имаа 12 деца( десет ќерки и два сина) и мораа многу да работаат за да ги прехранат. Една недела потоа продолжиле со работа, а мене завиен во пелени ме ставиле во крошна. Еден голем и дебел смок, како што смоковите го намирисуваат млекото кај доилките, се доближал до мене и ме обвиткал цел. Кога пријателот на моите родители видел и викнал, смокот избегал и се скрил во дупка. Но, татко ми му рекол дека тоа е знак дека ќе живеам долго. Мојот татко живееше 103 години, а јас сум сигурен ќе го надминам, здравјето ме служи многу, апче никогаш не сум пробал, а на доктор се плашам и да отидам. Здрав сум, а за мојата добра линија наутро пијам по еден литар млеко, јадам по едно кило банани, преку ден пијам по неколку капучина, со шлаг се разбира, и понекогаш и пица, ни рече на почетокот на средбата.

Животните и птиците, вели, ги сака од кога знае за себе. Во неговата фамилија отсекогаш држеле кокошки, петли, гуски, гулаби.

-Мојот татко, на времето во Кралството СХС, со златник од Бит пазар купи еден петел, приштински петел. Тој кукурикаше по пет минути. Можеше да издржи долго да кукурика, за разлика од „обичните“ петли кои кукурикаа по неколку секунди. Беше прекрасен. Секое утро не будеше со кукурикање во пет наутро. Цели пет минути кукурикууууууу!!! Едно утро го снема, избегал петелот. И јас отидов да го барам. Се сеќавам дека ја изгубив дневницата во фабриката за јоргани „Слога“, каде работев, зошто во 6 изутрина не бев на работното место. А тогаш немаше попуштање, задоцниш ли минута, нема дневница. За среќа го најдов петелот во дворот на едни соседи и го вратив назад. Ни беше радост дома!

Алфонсо се потсетува дека тие држеле и кокошки, но гуските им биле на прво место. Ги имале до неодамна, сега веќе не.

-За да држиш гуски треба да имаш голем двор, за да може слободно да си шетаат и колваат. Последно имавме три гуски и еден гусак. Им давав зрна пченица. Интересеен е животот на гуските. Годишно гуската снесува по 12 јајца за да ги квачи, од ова време некаде до мај. Ако се доближиш до јајцата веднаш ќе те стегне со клунот за рака, како со ножици. Може да стане многу агресивна. Има силен мајчински инстинкт. Но, има и гуски кои ги јадат своите јајца. Тоа не се добри гуски, ги сметаат како „грешка“ на природата. Во Шутка еднаш неделно ги носиме гусаците на борба. Се борат, кој ќе ја освои гуската. Гуцаците се борат, а гуските само гускаат (кокодакаат) наоколу. Јас како шампион, најчесто погодувам кој гусак ќе победи. Нема да верувате, но и тие си имаат свој одреден стил за живот и свој ред – сите гуски се врткаат околу најубавиот гусак, и кога ќе победи во борбата, гусакот точно си знае која му е „жена“ и веднаш се враќа кај неа. А другите му се само швалерки, шеговито ни раскажува Алфонсо.

Неговото семејство во минатото имало и до 70 гулаби, на кои им давале жито и леб натопен во вода. За да не му избегаат кога ги дресирал, ги оставал полугладни за пак да се вртат. Една вечер му ги украле, некој го искинал ланецот на кучето што го чувал гулабарникот и излетале. Од љубов кон птиците Алфонсо не јаде месо од гуски, од пилиња, од гулаби. Само телешко и јагнешко понекогаш, во мали количини.

-Многу сакав животни. И како дете и како возрасен. Имам впечаток дека сега децата не знаат да чуваат животни. Тие ги напаѓаат, ги провоцираат. Животното може да стане мошне агресивно ако го напаѓаш. За жал, и нивните родители тоа им го дозволуваат и се смеат, наместо да ги поучат своите деца. Јас многу го сакав мајмунот во зоолошка и сите животни, и одев го посетував. На мајмунот, и на сите животни треба да му пристапиш нежно и оддалеку да му дофрлиш нешто за јадење, а не да го подбуцнуваш, да му фрлаш камчиња, да го нервираш. Во тој случај може да побесни и да возврати. Запаметете- животното не напаѓа без причина, обично без причина напаѓа само ако е гладно. Дури и змијата ако ја видиш не те напаѓа ако не ја чепнеш. Ако види змија, само пушти и пат нека помине, нема ништо да ти направи. Ако и пуштиш пат, и таа ќе ти пушти пат. Не ја чепкај, не подучува Алфонсо и додава дека треба да бидеме позитивни.

Него затоа го сакале луѓето. „Јас сум во природа таков и затоа ме доживуаат како шампион!“

Тој вели дека до неодамна имале куче Зенгин, за кое купувал крилца и ги обварувал пред да му ги даде да ги јаде. Но како што растело станувало агресивно, и еднаш било гладно и го каснало за раката што морал да оди на инфективно. За среќа не му ја имал повредено жилата на раката, а го каснал блиску до неа.

-Тоа куче беше добро се додека порасна, тогаш стана агресивно. И животните, но и човекот, имаат нешто агресивно во себе. Ама животното пак ќе речам, не те чепка, ако не го чепнеш.

А, за магарето раскажува дека е мошне инаетливо, ако се заинати не можеш никако да го разубедиш. Како млад јавал и магаре и коњ и магарица, маска. Според него најјака е маската, таа била нешто меѓу магаре и коњ.

-Има многу народните верувања за животните. Сведок сум на еден обичај од порано. На кртовите кои ровореа на нива, им ги сечеа рацете со мотика, и од тоа правеа амајлија против уроци за мали дечиња. Дури и мојот татко ги правеше тие амајлии, а потоа никој од нас не се зафати. Јас тоа не би можел, ни рече Алфонсо, кој многу јасно се сеќава на своето детство и како почнала големата љубов кон животните.

-Од мои осум години одам на кино, во „Бамби“, „ Култура“, „ Вардар„, „Балкан“ . Кога го гледав филмот Тарзан, сфатив колку животните имаат чувство за луѓето. Во таа филмска приказна, се сруши авионот и малото дете ги изгуби родителите. Но преживеа благодарение на животните. Него го одгледаа животните во џунглата, и мајмунот му стана најдобар пријател. Ви велам јас животните се добри, само треба и ти да си добар со нив, заклучи на крај актерот, допивајќи си го салепот во Стара чаршија, за што по неколку минути се потсети.

-Ех, каков салеп пиевме на времето во слаткарницата „Пеливан“ , кај Миле Кумановац. Жените салепот го јадеа со леб, а симит погачата со чај. И тараан алвата со леб. Но за таа урбана легенда ќе ви раскажам следен пат, ни вети тогаш шампионот.