Ресен и денеска е тема број еден поврзана со ширењето на корона вирусот и кластерите за кој министерот Филипче тврди дека се од еден семеен настан. Репортерите на ТЕХТ.МК од Ресен информираат дека не е баш така како што тврди Филипче, и дека сите заразени, како што патем пишувавме уште по првите регистрирани пациенти, доаѓаат од неколку кластери.

Градот во кој и пред да се појави заразата немаше никаков социјален живот, се чини дека по појавата на заразени е сведен на минимуму. Излегување има само по потреба, а случајните минувачи или постарите лица седнати во паркот на дистанца и со маски со страв говорат за вирусот и тврдат дека „гости„ им го донеле.

Наши извори кажуваат дека вирусот наводно го донеле гости од Куманово кои биле на летната слава „Свети Спас“, на која слава се заразила првата пациентка позитивна на вирусот. На славата се заразил и келнерот кој служел, а кој бил вработен во реномираниот ресторан, но ресенчани прашуваат како се заразил берберот? Ниту бил на слава, ниту имал контакт со лица кои биле! Дури и семејството од каде има еден починат, а во кој и сопругата на починатиот беше заразена исто така немале контакти со прво заразените…

Она што сега ги загрижува Преспанци е дали ширењето на вирусот може да сопре или не? Новите седум новозаболени од КОВИД-19 кои се најдоа на денешната листа на пациенти на КОВИД19 и не се само од градот, туку има и од околните села, го исфрлија градот трет на листата со општини по број на  позитивни случаи во земјава. Имено, по Скопје  и Тетово,  Ресен со 31 активни случаи е на третото место во моментов.

Сепак, надеж во целата ситуација дава Одлуката на Кризниот штаб на Ресен, времено да запрат со работа индустриските капацитети , со што ќе се сведе на миниму ризикот од трансмисија меѓу вработените. Најголем број на жителите на Ресен се вработени во овие компании.

Н.Доковска