дома Кујна Ручек

Ручек

69

Летните горештини негативно ми влијаеја на апетитот. Морав да се разјадувам со салати зачинети со лути пиперки и макала од лук. Демек, ем диетално, ем здраво. Ма здраво и јас велам на здравата и диетална храна. Нека е и по хроно и по хошер – бадијала. Горештината ме отепа. Затоа секој миг погален од свежо ветре ми го вклучува сензорот и се фаќам за тава. Во согласност со препораките на „лекарите“ сечкам свеж зеленчук на ленти, му давам неколкуминутен нагласок на загреана „вог“ тава и го истурам врз парче телешко бифтече. Втората варијација е во истиот вог пилешки ленти, зачинети и  пропржени па потоа измешани со зеленчукот. Крцкавоста ја одредува мајсторијата која најмногу зависи од чувството за температура на тавата и времетраењето на готвењето.

Размислувајќи за денешниот ручек низ глава ми минуваат неодамнешните политички новости во стилот на „24 китчен“. Многу ме изненадија и богами ме разјадоа менијата на државниците фатени во експлозија од храна нетипична за овие простори: фазани, бизони, морски риби и топлоладни делиции. Единствено не разбрав дали овие пирови биле ручеци или вечери. Но тоа не ја намалува суштински проекцијата за истенченото непце на овие борци за Македонија. Да не останам и јас подолу се упатив во блискиот маркет да испазарам. Деликатесната продавница која се наоѓа во подножјето на една катна гаража ме заплисна со непријатна миризба. И покрај тоа влегов и се упатив кон фрижидерите со месо кое зрее на одредена температура. Ми доаѓа со очи да го изедам. Но цената ме отфрли подалеку накај витрините со увезени отстоени полутки од свињи т.н. пршути. Меѓу нив имаше и зачинети салами со чудни форми и големини, а до нив метарски бифтеци транспарентно спакувани и нумерички обележани. Кога се распрашав за нив ми стана појасно дека доаѓаат од далеку и нумеричката ознака е всушност цената на чинење. Уште ми појаснија дека не сечат парчиња ами цели 3-4 килски се продаваат. Си заминав „насмеан“ од цената и разубеден дека ништо неможе да ме изненади во оваа Македонија.

Месарницата до блиското пазарче кипеше од производи. Влегов и набрзина купив три кременадли. Омилени ми се ако се подготвени на скара: посолени и забиберени. Тие се мојот Тибон. Цената? Права ситница: 210 денари за килограм. Овде повеќе би елаборирал за додатоците. Дали прелив од вргањ, тартуфи или полжави? Не, не. Вчерашното гравче подгреано и обезколбасено, останато токму за да помине и денешниов ручек. Со овој ручек би препорачал и салата од краставица. Кога станува збор за десерт Македонија изобилува со се по кое пати половина Европа и Русија – овошје. Не знам дали е органско нашево производство ама сум сигурен дека е субвенционирано. Колку пари државата одвоила за субвенции во земјоделието можело да им се плати доживотно пензиско и здравствено осигурување на производителите. За десерт избрав лубеница. Субвенционирана по парче, а не по хектар, оладена и послужена во двор, (за оние што немаат двор добро ќе им дојде терасата) да може семките фино да ги плукнете по околината и да продолжите со политичкиот разговор кој е дел на секој македонски домаќински ручек. На здравје.