САД ќе ги укинат ограничувањата на копнените граници со Канада и Мексико за целосно вакцинирани странски државјани на почетокот на ноември, со што ќе се стават крај на ограничувањата за неприоритетни патувања воведени во март 2020 година поради пандемијата „Ковид-19“, потврдија две американски официјални лица за Ројтерс.

Правилата, кои денеска официјално ќе бидат објавени од американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, се однесуваат на копнените граници и траектни премини, и тие се слични со барањата објавени минатиот месец за меѓународните патници во авиосообраќајот, рекоа официјални лица кои не сакаа да бидат идентификувани.

Точниот датум на почетокот на ноември, кога ќе бидат укинати ограничувањата, ќе биде објавен многу скоро, рече еден од службениците. На 9 август, Канада започна да им дозволува на целосно вакцинирани американски посетители патувања кои не се приоритетни.

Официјални лица од администрацијата на претседателот Џозеф Бајден нагласија дека Белата куќа нема да ја отповика наредбата издадена за време на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп, со што во суштина беше спречен пристапот до азил за стотици илјади мигранти кои се обидуваат да влезат од Мексико.

Странските посетители што ги минуваат САД преку копно или траект ќе треба да се вакцинирани, но не мора да покажуваат доказ за вакцинација, освен ако царинските служби и граничните патроли не спроведат секундарни инспекции.

Спротивно на тоа, сите не-американски патници мора да докажат вакцинација пред да се качат на летот и да покажат докази за неодамнешен негативен тест за „Ковид-19“, додека странските посетители што ја минуваат копнената граница нема да мора да покажуваат докази за неодамнешен негативен тест за корона вирус.

Американските пратеници во Конгресот ја притискаат Белата куќа да ги укине ограничувањата со кои им се забранува на Канаѓаните да патуваат преку границата со Северна Америка од март 2020 година, а многу погранични заедници беа тешко погодени од затворањето, додека Мексико исто така бара од администрацијата на Бајден да ги ублажи ограничувањата.

Белата куќа на 20 септември објави дека САД ќе ги укинат ограничувањата за патување за авиокомпании од 33 земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Бразил и повеќето европски земји, кои се целосно вакцинирани против Ковид-19, на почетокот на ноември.

Во петокот, Американскиот центар за контрола и превенција на болести објави дека САД ќе ја прифатат употребата на вакцини „Ковид-19“ за меѓународни патници, одобрени од американските регулатори или Светската здравствена организација.  А.Р.