Владимир Путин Фото: EPA / ALEXEI NIKOLSKY / Kremlin

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави во вторникот дека е можно да се воведат санкции лично за рускиот претседател Владимир Путин, доколку Русија ја нападне Украина.

На новинарско прашање дали е можно такво нешто во случај на руски напад врз Украина, Бајден одговорил потврдно, пренесува Ројтерс.

Американскиот претседател рече дека во блиска иднина би можел да префрли дел од 8.500 американски војници кои се ставени во состојба на подготвеност, но вети дека американските војници нема да бидат распоредени во самата Украина.

САД генерално се воздржуваат од воведување санкции за странски лидери, а поранешниот претседател Доналд Трамп воведе санкции за венецуелскиот претседател Николас Мадуро во 2017 година и иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во 2019 година, според Ројтерс.

Песков: Личните санкции против Путин би биле политички деструктивни

Официјален Кремљ денеска објави дека секој потег на Западот да воведе лични санкции на рускиот претседател Владимир Путин би бил политички деструктивен, но не и болен.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека американските политичари кои зборуваат за потенцијални лични санкции против Путин, немаат доволно стручно знаење на оваа тема, пренесува Ројтерс.

Британија не исклучува санкции против Путин

Велика Британија не исклучува санкции кои се лично насочени кон рускиот претседател Владимир Путин, доколку Русија ја нападне Украина, изјави денеска британската министерка за надворешни работи Лиз Трас.

Запрашана за можни санкции против Путин, Трас за британски „Скај“ изјави: „Ништо не исклучуваме“.

„Ќе претставиме нов закон кој ќе го заостри нашиот режим на санкции за да можеме да таргетираме повеќе компании и поединци во Русија. Тоа ќе го претставиме во следните неколку дена. Не го исклучувам тоа“, рече Трас.

Таа додаде дека Обединетото Кралство и доставува одбранбено оружје на Украина.

Шпанија ќе поддржи санкции доколку Русија ја нападне Украина

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарез изјави дека Мадрид ќе поддржи „масивен, силен пакет“ економски мерки против Русија доколку таа започне воена акција против Украина.

Албарес нагласи дека европските нации имаат други ресурси освен моќта да ја одвратат Русија од каква било воена интервенција на нејзините војници во соседната земја, вклучително и оние кои би имале „огромни економски последици и високи трошоци“ за Русија, пренесува Ројтерс.

„Нема да навлегувам во детали за санкциите што може да ги воведат европските земји, поради потребата од доверливост и желбата да се задржи несигурноста како одвраќање. Но, можам да ве уверам дека тоа ќе биде огромен, силен пакет“, рече Албарес во шпанскиот парламент во вторник.

Тој рече и дека се чини дека Русија се уште е посветена на дијалогот.

„Се добива впечаток дека руските власти сакаат дијалогот засега да остане отворен, иако не е постигнат конкретен напредок“, нагласи шпанскиот министер.

Шпанија ги дополни своите советодавни мерки и ги предупреди граѓаните за сите патувања во Украина, освен за итни случаи, но најави дека нема да евакуира повеќе од 500 граѓани во таа земја, јавува Ројтерс. А.Н.