Државите мора да преземат „акции без преседан“ за емисијата на јаглерод диоксид до 2050 година да ја намалат на нула и да го ограничат опасното глобално затоплување, е предупредувањето во студијата на Обединетите нации за климатските промени.

Влијанието на климатските промени, од суша до зголемување на нивото на морето, ќе биде помалку екстремно ако температурата се зголеми за 1,5 степен над прединдустриските нивоа отколку да се искачи за два степени Целзиусови.

Ограничувањето на затоплувањето на 1,5 Целзиусови степени е можно, но бара поголеми промени во производството на енергија, индустријата, транспортот, зградите и други промени во животниот стил, како што се јадење помалку месо.

Исто така, потребни се мерки за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од атмосферата, се вели во извештајот на Меѓувладиниот одбор за климатски промени. Глобалната температура во моментов е повисока за 1 Целзиусов степен, но се стравува дека температурата ќе расте и дека светот ќе чувствува поголемо последици поради тоа.

Анализирајќи илјадници научни податоци, истражувачите дошле до заклучок што ќе се случи ако температурата се зголеми за два степени. Ако тоа се случи, сушите ќе бидат поголеми, како и недостатокот на вода што ќе доведе до екстремни временски услови, но и ширење на болести како маларија, а поголеми ќе бидат и економските штети, како пониски приноси на пченка, ориз и пченица.

Порастот на нивото на морето при зголемување на глобалната температура за 1,5 степени Целзиусови ќе биде за 10 сантиметри понизок отколку ако порастот на температурата е 2 степени. Но, со цел да се задржи температурата под критични 1,5 степени, потребни се драстични мерки.

Обновливите извори на енергија мора да бидат главен извор на снабдувањето со електричната енергија од 70 до 85 проценти. Неопходно е да се намалат емисиите на јаглерод диоксид во индустријата, транспортот, градежништвото, како и зголемување на бројот на шуми и промена на животните навики.

Сето ова треба да се направи до 2030 година за глобалните емисии на јаглерод диоксид да се намалат за 45 проценти од нивото во 2010 година и да достигнат нула до 2050 година, со цел затоплувањето да се задржи на околу 1,5 степени.