Џек Ма Фото: youtube printscreen

Кинескиот милијардер и основач на „Алибаба“ Џек Ма не се појавува во јавноста повеќе од два месеци, па медиумите шпекулираат дека тој исчезнал. Тој не се појави во последната епизода од сопственото шоу „Африкански деловни херои“ во кое беше еден од судиите. Него го замени извршната директорка на „Алибаба“, Луси Пенг, а неговата слика е исто така отстранета од веб-страницата.

Портпаролот на „Алибаба“ рече дека Ма не бил во жирито „поради конфликт во распоредот“, пишува „Фајненшл тајмс“.

Деловната империја на Ма, „Ант Груп“, беше под лупа на Пекинг откако Ма на 24 ноември одржа контроверзен говор во Шангај во кој го критикуваше регулаторниот систем на Кина за задушување на иновациите, споредувајќи ги глобалните банкарски правила со „клуб на стари луѓе“.

„Денешниот финансиски систем е наследство од индустриската ера. Треба да воспоставиме нова за следната генерација и за младите. Ние мора да го реформираме сегашниот систем“, рече Ма во својот говор.

Нешто повеќе од една недела подоцна, суспендирана е првата јавна понуда на „Ант“ (проценета на рекордни 37 милијарди американски долари), која веќе доби зелено светло од органот за надзор на хартии од вредност во Кина.

Кинеските власти започнаа антимонополска истрага против „Алибаба“ кон крајот на декември и и порачаа на „Ант груп“ да го преструктуира својот бизнис.

Последниот твит Ма го објави на 10 ноември минатата година. А.Н.