На 27 октомври (петок) сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелно наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавноста го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство.

Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на Светскиот ден на АВ наследство. Граѓаните кои на 27 октомври ќе ја посетат Кинотеката во периодот од 11 до 15 часот ќе добијат бесплатни изданија – печатени и ДВД изданија на Кинотеката, како и организирана тура низ просториите и депоата на институцијата која се грижи за националното аудиовизуелно, односно филмско наследство. Дел од изданијата на Кинотеката ќе добијат и посетителите на филмските проекции на македонските филмови ТЕ ДУА, ЖИМИ МЕНЕ (2023, р. Марјан Гавриловски) и М (2023, р. Вардан Тозија) од 18:00 часот и 20:00 часот.

Всушност целиот месец октомври во Кинотеката е посветен на заштитата на филмското наследство, неговата промоција и подобрување на условите во кое истото се чува од заборав и уништување, а во насока на негова достапност до граѓаните. Неодамна беше проширен и реновиран просторот во кој се чуваат изданијата и библиотечниот фонд на Кинотеката и дел од легатот на македонскиот режисер Димитрие Османли, а од печат излезе и книгата „Документарниот филм и идентитетот“ на м-р Сунчица Симоновска-Веселиновска што ќе биде промовирана наскоро. Македонската кинематографија во овој месец беше преставена пред црногорската, хрватската и српската публика, во издвоени настани, а филмовите на Браќата Манаки влегоа во официјалната програма на Фестивалот на архивски филм кој се одржа во Тбилиси, Грузија.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство (WDAH – World Day of Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три ипол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова, и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.

Во таа насока, Кинотеката овие денови го издаде и новото блуреј издание кое содржи пет етнографски документарни филмови снимени при средината на минатиот век. Филмовите ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954, р. Ацо Петровски), ГАЛИЧКА СВАДБА (1955, р. Ацо Петровски), ДЕРВИШИ (1955, р. Ацо Петровски), РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957, р. Благоја Дрнков) и МАРИОВСКА СВАДБА (1955, р. Вера Кличкова) беа дигитализирани во нашата Кинотеката и реставрирани од страна на проф. м-р Владимир Павловски благодарение на проектот „Сезона на филмски класици“ реализиран од страна на Асоцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), а финансиран од програмата Creative Europe MEDIA на Европската Унија.