дома Политика Македонија СДСМ ќе раководи со 57, ВМРО-ДПМНЕ со 5, ДУИ со 11 општини

СДСМ ќе раководи со 57, ВМРО-ДПМНЕ со 5, ДУИ со 11 општини

89

По завршување на вториот круг од локалните избори во 35 општини во Македонија, Министерството за внатрешни работи објави дека не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. По гласањето во вториот круг кое се одржа во 35 од 80 општини, кандидатите на СДСМ победија во 19 општини: Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Виница, Градско, Демир Капија, Јегуновце, Карбинци, Македонски Брод, Македонска Каменица, Могила, Новаци, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Чешиново Облешево, Штип и Шуто Оризари.

Во првиот круг на изборите што се одржа на 15 октомври, беа избрани градоначалник на Скопје и градоначалниците на 45 општини, како и членовите на Советот во Скопје и сите општини.

Коалицијата предводена од СДСМ освен во Скопје во првиот круг од изборите на 15 октомври победи во 37 општини: Центар, Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром, Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Гевгелија, Дебрца, Делчево, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Куманово, Лозово, Маврово Ростуше, Неготино, Ново Село, Охрид, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе и Струмица.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои само три општини: Илинден, Петровец и Сопиште, а во вториот две: Зрновци и Кавадарци.

ДУИ во првиот изборен круг освои градоначалнички мандати во Кичево и во Пласница, а во вториот победи и во Чаир, Тетово, Сарај, Дебар, Долнени, Липково, Теарце и Струга. Алијансата за Албанците победи во вкупно три општини, сите во вториот круг, и ќе раководи со општините Боговиње, Врапчиште и Гостивар. Беса освои градоначалничко место во Желино, ДПА во Студеничани, Демократската партија на Турците  во Центар Жупа, а независни кандидати ќе ги водат општините Ранковце, Чучер Сандево и Брвеница.

Жени градоначалници во шест општини

Со градоначалничка фукнција во наредните четири години жени ќе вода во шест од 80 општини во Македонија.

Во првиот круг на локалните избори, жена градоначалник доби еден од најголемите македонски градови – Битола и општина Арачиново во Скопје, во кои победија кандидатки на владејачката СДСМ. Во Битола, градоначалничка стана Наташа Петровска, а во Арачиново, Мелики Халими.

Четири жени победија во вториот круг на локалните избори во трката за градоначалници, од кои три се кандидатки на СДСМ и една на ДУИ.

Во Македонска Каменица градоначалничка стана Соња Стаменкова (СДСМ), во Општина Старо Нагоричане Жаклина Јовановска (СДСМ), во Могила Јасмина Гулевска (СДСМ), додека во Тетово вториот градоначалнички мандат го освои Теута Арифи од ДУИ.