Според грчката телевизија SKAY, Грција ќе прима, односно ќе добрува влез на странски туристи во две фази. Првата фаза започнува од 15 јуни, кога нашиот јужен сосед ќе ги отвори границите. На списокот на земји кои ќе може да ги пратат првите туристи во Грција сезонава се наоѓаат 19 земји, меѓу кои и Северна Македонија.

На списокот се најдоа и Кипар, Израел, Кина, Јапонија, Австралија, Норвешка, Данска, Австрија, Бугарија, Србија, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Полска, Унгарија, Словачка и Република Чешка.

Дали тоа ќе значи дека македонските државјани ќе можат веднаш да заминат на некоја од грчките плажи останува да видиме, но според изјавите на министерот Филипче, тоа ќе биде тешко остварливо. За нас, реални се шансите да појдеме во Грција дури по 15 јули, за кога е најавено отворање на границите.

И жителите на Србија, кои веќе се подготвени да ја отворат сезоната во Грција, се прашуваат дали ќе ги отвориме границите и дали ќе може да транзитираат низ нашата држава без да мора да покажат тест за корона, или сепак ќе мора да патуваат преку Бугарија. Само колку за потсетување Бугарија, Грција, Србија и Романија потпишаа договор за слободно движење на нивните граѓани меѓу овие држави.

Н.Доковска