Се намалува бројот на лица кои се тестираат за Ковид-19, што значи дека се намалува бројот на пациенти низ земјава, што е евидентно и со бројот на слободни кревети во болниците, а е евидентирано и со извештајот на Институтот за јавно здравје за оваа недела во која продолжува падот на бројките за Ковид-19, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Имаме намалување за 16,9 отсто на новозаболени во последните седум дена. Процентот на позитивни од тестирани лица бележи пад од пет проценти колку што бележи падот и во процентот на починати лица. Се намалува бројот на хоспитализирани во болниците во Скопје низ државата. Во првата недела од декември имало 890 хоспитализирани, а денеска 629. Има слободен број кревети, во Битола, Охрид, Прилеп, Куманово…, истакна Филипче.

Тој додаде дека има се повеќе термини за тестирања што значи се намалува притисокот, односно се намалува бројот на пациенти.

– Во втората и третата недела од декември намален е бројот на тестирања како во државните, така и во приватните лаборатории. Ако во изминатиот период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе се објавеа преку системот „МојТермин“ сега и во текот на истиот ден има слободни термини. Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100 проценти повеќе тестови од приватните, а воедно се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории, додаде Филипче.

Во следните две до три недели сите да бидеме крајно внимателни, апелираше денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека има некакви позитивни придвижувања, ќе се види дали е тоа почеток на крајот на епидемијата и затоа не смееме да ризикуваме уште еден силен бран.

Посочи дека следи вообичаено убав период на новогодишни празници.

– Имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Во вакви услови кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира да не направиме ништо таа да се влоши. Апелирам да се празнува одговорно во кругот на семејството без групирање со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека досегашните протоколи и мерки беа добро осмислени и домензионирани и го дадоа резултатот како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа, имајќи предвид колку е сето тоа тешко за сите нас, рече Филипче.

На владината седница во Софија на која присуствуваше министерот за здравство Филипче со бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов потпишале писмо за намери, откако Владата на Бугарија  одлучи да се оддели за нашата земја слободна количина вакцини од секоја количина која ќе ја добие Бугарија во следниот период.

Министерот Филипче соопшти дека мутацијата на ковид-19 која се појави во Велика Британија, поради што од вчера се забранети летови во голем број земји, меѓу кои и Македонија, воопшто нема улога во ефикасноста на вакцината, додавајќи дека досега многупати биле констатирани мутации на вирусот. А.Р.