Сашо Стојановски e дипломиран џез тапанар кој осмисли уникатен и хуман проект, интердисциплинарен опфаќајќи повеќе области од културата, музичката уметност, иновативност, инклузија, работилница за деца со посебни потреби и попречености како и наменска хуманитарна акција.
Проектот е инспириран од неговиот син (Филип 12 години), кој е дете со посебни потреби, со ретко генетско заболување X-Fragile и силно развиени чувства и љубов кон околината и семејството.
За сите изминати години Сашо и семејството се трудеа  да го интегрираат своето синче во нашиот систем и да биде дел од образовниот процес во државава која за жал е не им придава доволна важност на ваквите дечиња. Нивната судбина  ја споделуваат многу семејства во Македонија.
Целиот овој проект освен што има конструктивна уметничка цел има и идеолошка цел, барем малку да се подигне свеста во нашето општество и да им се посвети повеќе внимание на сите деца со посебни потреби и нивните семејства. Воден од својата желба за да му помогне на своето, а и на многу семејства добива инспирација да создададе проект кој ќе даде придонес и подигне јавната свест за овие лица.
Сашо со помош на Филип, неговиот син (во доменот на своите можности со додавање на алат со придржување и слично) создадоа сет на тапани (рачна изработка) кој е прв ваков инструмент во нашата држава и регионот кој е направен со помош на дете со посебни потреби. За нив се дизајнираше посебно лого СС дизајн.
Подолго време го подготвуваше својот  авторски албум ( со џез музика) кој беше снимен во студио со неговиот нов сет на тапани кој ги изработи со синот. Овој голем  проект, доби позитивен одговор од  Министерство за култура под името „Different“. Му одобрија одредена сума на финансиска помош која не е доволна, но е од голема помош.
Проектот опфаќа  неколку фази:
-Снимање албум со 7 авторски композиции
-Снимање на спот за нумера која ја изведува Џон Илија Апелгрин.Носечка нумера на албумот е песната “Ден посебен” која ја пее Џон Илија Апелгрин и во спотот глевни ликови се Ана Беќарска (лице со интелектуална попреченост) и Александар Матовски-Цако (лице со Даунов синдром)
-Издавање на ЦД
-Работилница и хуманитарна акција за лица со посебни потреби
-Промоција на албум и на сетот тапани.
Проектот  ќе се промовира  на 25 септември 2021 година во Младинскиот културен центар. Ќе започне со работилница (на која ќе учествуваат деца со посебни потреби, нивните браќа и сестрички, претставници на различни здруженија со слична и иста проблематика, настап на познати имиња од македонската естрада, разговор и дебата на стручни лица (дефектолог, логопед, психолог) како и кратка театарска претстава.
Ќе гостуваат: ДНК, Александра Јанева, Бени- Нон стоп, Сара Мејс, Mијата, Петар Младеновски (Суперхикс), Елена Ристеска, Пеперминт, Елена Петреска, Фиц (Студени нозе), Полина Тасева, Ресурсен центар, хуманитарна организација “Свети Спас”, здружение „Во мојот свет“, настап на ученици од Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“- Скопје, здружение „Куќа на среќата“, настап на ученици од ОУ “Невена Георгиева-Дуња”- Скопје, д-р Роберт Јаневски „G-life Lab“, Розе Мојсовска (ликовен уметник), Ирена Лозана-Ира (предавач за инклузија и инклузивна свесност).
Отворена е хуманитарна сметка за донации како и телефонска линија. Собраните средства ќее се донираат во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ каде што учи и синот на Сашо и ова училиште на ниво на општина Кисела Вода има најголем број на деца со посебни потреби. Целта е јасно да укажеме на проблемите со кои се соочуваат овие деца во општеството, но и самите родители.
Броеви за донација: Македонски телеком – 143 402,  А1 – 143 470.
Хуманитарна трансакциска сметка: 240100115398014 Уни Банка АД Скопје