Владата ќе донесе одлука за ослободување од плаќање на царина на суровини за медицински цели, најави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски на денешната прес-конференција.

-Од плаќање на царина ќе бидат ослободени средствата за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, очила и друга заштитна опрема, рече Танасоски.

Тој додаде дека ќе има олеснување на царинската процедура и за снабдувањето на етилалкохол и дека ќе се олесни регистрацијата на економските оператори кои користат етилалкохол.

-Побарани се итни законски измени за издавањето на одобренијата за акцизно повластено користење за етилалкохол кој се користи во аптеките или компаниите кои произведуваат дезинфекциски или други помошни и лековити средства. Обврската се одложува во траење од шест месеци, рече Танасоски.

Танасоски додаде дека се ослободуваат и диструбитерите од дополнителни постапки со цел етил алкохолот што побрзо да се достави во болниците каде што е најпотребен.

„Болниците, здравствените установи и аптеките ќе можат непречено да нарачуваат и да набавуваат етил алкохол за своите потреби без дополнително во периодот на вонредна состојба да се евидентираат во електронскиот систем на Царинската управа, за време на вонредната состојба“, рече Танасоски.

По барање на компаниите кои произведуваат вински дестилат, алкохол со јачина од 60-70 отсто, доколку тоа го дозволува квалитетот, ќе се предложи тој да се произведува и да се дистрибуира за медицински цели или за производство на средства за дезинфекција, додаде тој. А.Р.