Авион Ербас А320 на Пакистанската национална авиокомпанија (ПИА), кој превезувал 107 лица, се урна во Карачи.

Авионот се урнал во густо населена област со куќи околу 14.45 часот по локално време, набргу откако главниот пилот ја известил контролата на летање за технички дефект на авионот. Контактот со авионот бил прекинат само една минута пред да слета.

Авионот летал од Лахоре до Меѓународниот аеродром Џинах, еден од најпрометните во Пакистан. Во авионот имало 99 патници и осум членови на екипажот.

– Шокиран сум и тажен поради несреќата на авионот. Истрагата за причините за несреќата ќе започне веднаш. Им праќам мои молитви и сочувство до семејствата на жртвите – напиша премиерот Имран Кан на Твитер.

Заинаб Имам, експертка за комуникации, објави на Твитер дека сепак има преживеани и дека роднина која се наоѓала во тој авион ја повикал – жив и здрав.

Исто така, пакистанската Гео ТВ извести дека претседателот на банката Пунџаб, Зафар Масуд, е меѓу неколкуте преживеани. Информациите за преживеаните сè уште не се официјално потврдени.

Авионот исчезнал од радарот непосредно пред предвиденото слетување. Пилотот реагирал до контролата на летање дека еден од моторите не откажал.

Очевидци тврдат дека авионот кружел над градот и се обидел да се спушти на аеродромот трипати пред да се сруши во станбена област.

Возилата за итна помош се видени на местото на несреќата, фотографии од местото на несреќата се споделија на социјалните мрежи, на кои се гледа црн густ чад кој се издига над еден дел од градот. Засега нема податоци за жртвите.

Локалните медиуми јавуваат дека под урнатините досега се извлечени 30 лица, меѓу кои и петгодишно дете, пренесува „Јутарњи лист“.

Многу куќи се оштетени или уништени при падот, а спасувачката операција е забавена од голем број луѓе на тесните улици каде службите за итна помош имаат потешкотии во движењето.

ПИА ги прекина сите меѓународни летови до 31 мај поради корона вирусот, а домашните летови беа рестартирани пред неколку дена. А.Р.