фото Танјуг

Авион Миг 21 на српската армија се урна утрово околу 9 часот во атарот на селото Брасина кај Мали Зворник, на околу еден километар од граничната линија со БиХ, при извршување на редовна задача за летање, соопшти Министерството за одбрана.

Според неофицијални информации од местото на настанот, едниот од двајцата пилоти се катапултирал и потрагата по него е во тек, а другиот, според медиумите, починал.

Медиумите јавуваат и дека бил повреден еден жител во чиј двор се срушил авионот.

Пожарникарите, Армијата, полицијата и брзата помош се на терен, а за местото на несреќата се воени и полициски хеликоптер. Испратени се и екипите на Службата за пребарување и спасување на Војводина и ПВО и надлежните органи.

Очевидци велат дека авионот летал над селото утрово и дека во еден момент летал многу ниско, веднаш над покривите на куќите. Тие наведуваат дека авионот се борел, се вртел и дека тогаш се случила несреќа, по што се кренал силен чад.

Министерството за одбрана соопшти дека авионот бил прегледан утрово во согласност со сите процедури, а по увидот е констатирано дека е исправен и подготвен за лет. Според порталот „Танго сикс“, авионот е стар 34 години. По ремонтот во 2016 година во Институтот за авијација „Мома Станојловиќ“ и пауза од две години, тој авион повторно се најде во воздухот во мај годинава, наведува порталот и додава дека требало да остане во употреба до 2026 година.

Станува збор за двосед МИГ-21УМ, кој беше купен од поранешна Југославија во декември 1986 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ веста за падот на авионот го затекна во Истанбул, каде утрово пред новинарите изјави дека слушнал дека се случила несреќа.

Општата болница во Лозница денес прими едно лице со изгореници здобиени од авионската несреќа во атарот на селото Брасина кај Мали Зворник, рекле за Танјуг во таа здравствена установа. Болницата не прецизира за кого станува збор, но најверојатно станува збор за локално население.

Портпаролот на Општата болница во Лозница, Драгана Митровиќ, вели дека едно лице на возраст од 59 години е примено на одделот за интензивна нега во свесна состојба по падот на авионот, со изгореници на градите, главата и рацете. Засега нема утврдени други повреди, додава Митровиќ за Танјуг.

Според неофицијалните информации од местото на настанот, едниот од двајцата пилоти се катапултирал и потрагата по него е во тек, а другиот, според медиумите, починал, а Митровиќ вели дека во таа институција нема информации за смртта на еден пилот. А.Р.