Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго 
Му вдахна живот на каменот. Го оживеа цветот од камчиња. Ја збогати  македонската уметност со едно вредно уникатно дело, изработено од нејзините вредни раце.
*Госпоѓа Силви, мошне пријатно не изненадивте со информацијата дека готов е Вашиот голем мозаик кој го изработувате за време на карантинот, во  дворот на семејната куќа во Трап, Могила, Битолско. Кажете ни, од прва рака, за каков мозиак станува збор и како е насловено ова грандиозно уметничко дело? 
-Благодарам за прекрасниот вовед и преубавите комплименти. Чест ми е секогаш да разговарам со вас. Да, го завршив, станува збор за мозаик од еден цвет со 12 ливчиња и 10 илјади камења. Го нареков “Цветот Живот” . Лично за мене дванаесетте ливчиња од цветот го симболизираат бројот од кога мојот живот се промени. Во овој уникатен мозаик употребив околу еден тон камен. Го започнав во почетокот на април и завршив на 25 јуни. Потсвесно идеата за ваков голем мозаик оддамна постоеше, но ментално не бев подготвена. Во тој период изгубив многу пријатели и блиски, сето тоа ме доведе да размислувам за животот и нашата цел на постоење. Верувам во теоријата дека секоја индивидуа постои за некоја цел. Често знам да речам – ете по тоа ќе ме паметите кога мене ќе ме нема. Па еве сега и по моите дела ќе бидам запаметена во општеството. Зад себе да оставаме трага од нашето постоење.
*Самите фотографии покажуваат дека станува збор за нешто што без грам сомнение е работено со многу, многу  љубов, со многу материјал и прилично долго време.  Што е она што толку ве привлече кај мозаикот како уметничка творба, што е она што вие пронајдовте како посебна експресија и вредност во овој “ладен” а толку топол материјал? 
-Зошто каменот? Затоа што каменот е дел од природата, универзумот, извор од нашата земја и спроводник на енергија. Каменот отсекогаш ме привлекува, обожувам да го обликувам во разни форми, природен изолатор е на климатските промени. И најмногу од се, сакам предизвици, сатисфакција ми беше кога конечно ме прифатија како единствена жена на Балканот која изработува мозаици од овој размер.
*Реткост е, да. Необичност. Дури и чудно. Порано изработувавте и помалку мозаици, тие имаа интересни називи и отсликуваа дел од македонската традиција. Направивте и изложба со нив, кај нас и во Албанија. Колку такви малечки мозаици изработивте, каде сега се наоѓаат тие? 
-Да, порано изработував и мали мозаици со разни мотиви. Имав порачки за во Шведска и во Данска, па за таму изработив 20 парчиња со традиционални мотиви од нашата земја. Во слободното време се уште изработувам мали мозаици кои ги бараат како додатоци за во двор или украс низ домот. Често знам и да им подарам на моите пријатели.
*Големиот мозаик веќе го има своето место, своето лежиште, каде ќе остане за век веков. Тоа е вашиот двор. Во овој мотив вградивте се она што носите во себе како визија и како вредност, која што сега веќе секојдневно ќе ја гледате пред себе, вие и вашето семејство, а и гостите  посетители. Дали вашиот дом ќе биде отворен и за добронамерници ако посакаат да дојдат да го видат? 
-Да. Не само мојот двор туку и ќе ја краси околината. Кога го почнав мозаикот сите љубопитни ме прашуваа, што ќе биде ова? Чкртано на ѕид? Не можев да им објаснам, а како би им објаснила кога никој немаше поим колку добро изгледаше во мојата глава. Сите со нетрпение чекаа да го завршам делото за да конечно ја видат сликата која ја имав во глава. Често доаат добронамерници кои се восхитиле од невобичаената глетка, па сакаат да се фотографираат, во неверување дека жена го изработила.
*Постојано се изразувате преку разни уметнички форми, знам дека сте одлична и како кулинар, и сликате, цртате, не е само “каменот” кој Ве претставува. 
-Покрај каменот, тука постои моето ателје каде и активно тетовирам, имам голема љубов кон гастрономијата, веќе се гледа по мене ха ха. Без разлика на се сакам да се изразувам. Ако ме прашувате каде лично се пронаоѓам, јас би рекла сепак со каменот. Не залудно го носам прекарот Жената- камен.
*Дали се заработува од уметноста, успевате  ли да заработите односно или приближно колку што заслужувате во однос на вашиот вложен труд? 
-Ух. ..Заработувачката, тоа е посебна приказна сама за себе. Кога ќе ме изнајмат за изработка на мозаик, често знаат да речат “како за мене колку ќе ми наплатиш”. Не знам дали така и во маркетите “пазарат”. Најголем проблем е тоа што не ти ја ценат маката, работата и времето. А секоја чест на исклучоците кои сериозно си ја сфаќааат работата и без проблем соработуваме.
*Па, финансиски како издржувате со вложувањата во ова ваше скапо хоби, оваа ваша скапа љубов, треба прво да се покријат финансиските трошоци, нели? 
-Финансиски како се справувам? Па со оглед на тоа што овој мозаик го изработив за време на карантинот, мислам дека се она што би трошела на кафе дружби низ Широк сокак, шопинг и излегувања јас си вложив во ова дело. Тука не престанувам, веќе имам зацртан друг проект, а воедно почнав и со проектирање на базен каде ќе отсликам друг голем мозаик. 
*Верувам и тоа ќе биде наскоро. Не мирувате. Како активистка го подигнавте гласот во борба против насилство врз жените, најмногу против психичко насилство врз жените и омаловажуања во кругот на семејството, и од страна на сопругот. Оттука, како идејно решение Вашата визија преточена во цртеж и беше избрана за заштитно лого на манифестацијата “Стоп за насилство врз жените” на “Новинари за човекови права”  која пред неколку години се одржа во Скопје. 
-Како активистка сум активна колку што можам, тука сум да им помагам на жените, девојките кои се наоѓаат во неизбежни ситуации. А воедно да допрам до свеста на сите останати, со моите пишани творби. Се обидов да манифестирам преку моите творби и дела за да ја искажам нашата борба против семејното насилство. Кога творам ги претставувам сите жени кои се борат со семејно насилство. 
*Многу борби на повеќе полиња водиме ние жените на Балканот. Ви доаѓа ли понекогаш се преку глава да речете си заминувам од тука, онаму каде што жената е повеќе вреднувана и ценета,  каде се исплатува нејзиниот труд и дело.Сега живееме во вонредни услови поради пандемијата, но кога светот ќе се стабилизира  би заминала ли во земјите каде сте живееле Америка или Шведска,  каде имате свои роднини и блиски? 
-Често сум размислувала да заминам од овде, баш поради ситуацијата во која константно се наоѓаме, значи уметноста не е платена , нити доволно ценета. Жално е што не сум единствена која вака размислува. Отфрлени од општеството, никогаш неприфатени од околината. 
*Имате две прекрасни ќерки, Христина и Ангела, кои се образуваат и студираат на нашите универзитети. Пројавиле ли афинитети и желба за уметност. Вие ги насочувате по уметнички пат или сами ќе си одлучат што најмногу сакаат да работат и преку кои професии ќе партиципираат во општеството? 
-Да, имам две ќерки, поголемата ми заврши Музичка академија, но се занимава со туризам во странство. Помалата веќе е во работен однос а воедно вонредно студира на правен. Не им се мешам никогаш во нивните одлуки, сметам дека како родител ми е најбитно да се здрави, среќни, исполнети со љубов, тоа ми е најбитно. А јас секогаш ќе ги подржувам нивните одлуки.