Официјалниот почеток на 41-вото издание на фестивалот „Скопско лето“, со концертот „Скопје во три бои“ ќе се случи вечерва од 20.30 часот во Сули Ан. На вечерашниот концерт  „Скопје во три бои“  во Сули ан настапуваат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.

Скопско лето годинава ќе се одвива согласно Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, донесен на 73-тата седница на Владата на Република Северна Македонија и Протоколот бр.33 за начинот и условите за организација на настани, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС).

Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжитело ќе биде почитувањето на препорачаните мерки:
– носење заштитни маски,
– мерење телесна температура
– одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето,
– дезинфекција,
– влезот на публиката ќе започне во 20:00 часот,

Согласно протоколите и заради регулирање и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари.  Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар, соопштува ДКУС.

Програмата продолжува утревечер (7 јули) од 20.30 часот во Сули со јубилејниот концерт на Пламенка Трајковска квинтет насловен“LADIES AND GENTLEMEN”. Ќе настапат: Пламенка Трајковска квинтет: Пламенка Трајковска – виолина, Наташа Диденко – виолина, Магдалена Попоска – виолина, Сандра Крсевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола, и Трио Џентлмен: Дејан Стоев – тенор, Јане Дунимагловски – тенор, Кристијан Антоновски – баритон.

На 8 јули во Музејот на македонската борба од 20.30 часот концерт ќе одржи триото Ад Либитум“ -Силвана Атанасова Чулева – пијано, Лазар Соколов – кларинет и алт саксофон, Емилија Кабранова Филипова – пијано, за 9 јули предвидена е онлајн промоција на книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“ – љубовно-патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук. Промоцијата ќе се одржи со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20.20 часот со актерите Сашко Коцев и Раде Шербеџија. В петок (10 јули) од  21 часот во Сули ан на програмата на 41. „Скопско лето“ е  монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски, во режија на  Ѓорѓи Ризески и во продукција на Театар „Златен Елец“.  А.Р.