На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа 8 книги: Луан Старова  – „Генералот и пеперутката“, Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“, Жарко Кујунџиски  – „Сфинга на гневот“, Владимир Јанковски  – „Скриени желби, немирни патувања“, Србо Ивановски  – „Изодениот пат“, Филип Клетников  – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“, Влада Урошевиќ  – „Безразборна лабораторија“ и Владо Јаневски  – „Чудо зад аголот“.

Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, и „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски, соопштуваат од „Магор“.

На својот последен работен состанок, стручната комисија со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски за Национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи тек кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.

Стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2020“ образложи дека ова дело се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред се’, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот.

-Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, “аскетизмот”, кондензацијата, суптилно  поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури…Јанковски освен тоа несомнено поседува суптилен сенс за претворање на просторот во тропа, истенчен (башларовски) нерв и осет, за креативниот симболизам, кој зрачи од одделните простори, творечкиот влог на просторноста во книжевната перцепција. Оваа проза е игрива и динамична, благодарение на својот интермедијален квалитет,  филмичноста (отпорано препознаена и од страна на критичарите Соња Стојменска, Оливера Ќорвезироска, Сашо Огненовски); како интригантен рефлекс или своевиден еквивалент во прозниот жанр, на суптилната поетика на урбаното вкрс(тос)ување, што ја препознаваме како пледоаје од филмската естетика на Кжиштоф Кишловски (особено, во “Три бои:Црвено”) – се вели во образложението на комисијата.

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Р. Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД. А.Р.