Снежна бура во Њујорк Фото Принтскрин извор АП

Голема снежна бура го погоди источниот брег на САД, поради што летовите беа прекинати, а центрите за вакцинација беа затворени. Метеоролозите наведуваат дека за многу краток временски период во делови на Њу Џерси и Пенсилванија, снежната покривка достигна висина од 48 сантиметри, а во градот Њујорк 43 сантиметри. Вчера во градот Вашингтон падна најголемиот снег во претходните две години. Во неколку градови на североисток на САД, вклучувајќи ги Њујорк и Бостон, снегот денес може да нападне и до висина од скоро 60 сантиметри, објави Метеоролошката служба.

Гувернерот на државата Њујорк Ендру Куомо прогласи вонредна состојба во истоимениот град и во уште 44 други области. Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио изјави дека училиштата ќе бидат затворени и дека здравствените работници бараат начин да ги вакцинираат луѓето против ковид. „Денес ни се заканува опасност, последно што сакаме е да ги тераме постарите луѓе надвор на ваква бура“, рече Де Блазио.

Метеоролозите советуваат да не се патува на северо-исток во следните неколку дена, а се очекуваат удари на ветерот и до 180 километри на час. Повеќе од 1.600 летови на големите аеродроми се откажани. А.Н.