Седница на Собрание Фото: ФБ-страна на Собрание

Собранието денеска со 62 гласа „за“ во продолжението на 29. седница го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во земјава. За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива,  а За пописот гласаа и 29 пратеници припадници на етничките заедници.

ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето, а претходно во повеќе процедурални забелешки опозицијата ги искажа своите забелешки за законот и причините за недовербата во процесот. Расправата за пописот заврши на 15 јануари.

Според законот, пописот треба да се спроведе во првите три недели од април, односно од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот. Пописот ќе се спроведе со употреба на  пренослив компјутер, на посебна апликација, ќе го спроведуваат попишувачи под контрола на Државниот завод за статистика, а ќе бидат користени и државни бази на податоци за граѓаните.

Во земјава последниот попис беше одржан во 2002 година. А.Н.